СЕ УКИНУВААТ ДРЖАВНИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ПЕСНИ, ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 2 МИЛИОНИ ЕВРА

    СЕ УКИНУВААТ ДРЖАВНИТЕ СУБВЕНЦИИ ЗА ПЕСНИ, ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 2 МИЛИОНИ ЕВРАНа последниот конкурс од јуни по 9.000 евра за две песни добија Роберт Саздов и Сузана Спасовска

    Министерството за култура ќе го укинува Законот за поддршка на домашната музичка продукција, со кој од 2014 досега од Буџетот се потрошени 2 милиони евра за финансирање создавање македонска народна и забавна музика. Министерството започна постапка за носење нов закон со кој ќе се укинува претходниот, донесен на крајот на 2013 во мандатот на министерката Елизабета Канческа-Милевска и Владата на чело со Никола Груевски. Според најавениот рок, предлог законот треба да биде изготвен следниот месец.

    „Имплементацијата на Законот во практика не ги даде очекуваните ефекти, пред сè од причина што иако за избраните композиции се продуцираа аудио и видео записи, истите или не беа воопшто или беа емитувани во мал обем на радијата и телевизиите. Од наведените причини  објективно и не може да се направи евалуација на позитивните ефекти од поддршката на создавање на нови композиции. Со оглед на тоа што аудио и видео записите за композициите не беа во доволен обем достапни на пошироката јавност, се поставува прашањето за оправданоста од ваквиот начин на финансирање на создавање на нови композиции од областа на забавната и народната музика со средства од Буџетот на Република Македонија“, се вели во образложението на Министерството за култура.

    Македонската радиотелевизија (МРТ) е носител на конкурсите за финансирање песни, последниот конкурс е објавен на 29 септември, а рокот за пријавување истекува на 29 декември.

    Со Законот за поддршка на домашната музичка продукција, од Буџетот се издвојуваат по пола милион евра годишно за 200 песни избрани на конкурсите што ги објавува Македонската радиотелевизија во април, јуни, септември и во декември. Од нив 150 песни се од забавната и народната музика и 50 се детски. Композиции се избираат во категориите „таленти“, „афирмиран изведувач“, „истакнат изведувач“, „врвен изведувач“, „композиции со кои се афирмираат семејните вредности во општеството или многудетните семејства“ и „композиции со кои се афирмира историјата на Македонија“. За песните се даваат по 3.000 евра, 400 евра за детските, а во категорија ѕвезди  4.500 евра – 3.000 евра за аудиоснимање на песната и 1.500 евра за спот. Како ѕвезди годишно се субвенционираат 28 композиции за вкупно 126.000 евра.

    За песните со кои се афирмираат семејните вредности и за песните во кои се опејува македонската историја се исплаќаат 60.000 евра годишно, а при изборот треба соодветно да бидат застапени и останатите заедници што живеат во Македонија. Еден ист пејач за една година може да добие пари за најмногу за три песни, а во категоријата „ѕвезди“ за најмногу две песни.

    За изборот на конкурсите одлучува 6-члена комисија чии членови добиваат надомест по 10.000 денари од учество.

    МРТ на 25 август ги објави резултатите од последниот, јунски конкурс, според кој 9.000 евра за две песни доби Роберт Саздов од „Куку леле“. Саздов третпат  добива пари во највисоката категорија, и кој лани доби исто 9.000 евра за 2 композиции. Тој претходно беше и член на комисиите за избор.

    Во истата категорија 9.000 евра за две песни доби и фолк пејачката Сузана Спасовска, која изминатава година беше активна учесничка, говорник и пејачка на протестите на „За заедничка Македонија“, кои кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април.

    Кристијан Тасевски и „Дуо Коктел“ добија пари за песни што ќе ја афирмираат македoнската историја, а на последниот конкурс не е избрана ниедна песна за афирмација на семејните вредности и за многудетни семејства.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари