СЕ ВРАЌАЛЕ ОД ВЕСЕЛБА ВО КОЧАНИ, ШОФЕРОТ ИЗГУБИЛ КОНТРОЛА КОГА ПРЕТЕКНУВАЛ ВО СООБРАЌАЈКАТА СО ТРОЈЦА ЗАГИНАТИ

    СЕ ВРАЌАЛЕ ОД ВЕСЕЛБА ВО КОЧАНИ, ШОФЕРОТ ИЗГУБИЛ КОНТРОЛА КОГА ПРЕТЕКНУВАЛ ВО СООБРАЌАЈКАТА СО ТРОЈЦА ЗАГИНАТИПрвичното тестирање кај возачот на автомобилот „шевролет“ покажало присуство на алкохол. (Фото: МИА)

    Шоферот на возилото „шевролет“ во чија крв бил пронајден алкохол изгубил контрола кога го претекнувал возилото „тојота“ во вчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Миладиновци-Штип, стои во првичниот извештај на јавното обвинителство откако дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип и увидни екипи на МВР извршиле увид на автопатот Штип-Миладиновци, каде во петокот загинаа три лица.

    Според првичните информации кои ги соопшти Обвинителството, до несреќата дошло кога автомобил „шевролет“ со скопски регистарски таблички, во кој се превезувале петмина патници од едно семејство кои се враќале кон Скопје по веселба во Кочани, започнал да претекнува возило „тојота“ со кочански регистарски ознаки во кое се превезувале две лица.

    „Во моментот на престигнувањето, возачот на „шевролетот“ загубил контрола врз возилото, па најпрвин удрил во левата банкина, а потоа се одбил и удрил во автомобилот кој паралелно го претекнувал. Како последица на сударот, двата автомобила се превртеле во канал покрај патот, при што животот го загубиле три лица од скопскиот автомобил – сопруга, ќерка и мајка на сопругата на возачот. Останатите четворица учесници во несреќата се здобиле со телесни повреди, при што најтешки повреди се констатирани кај сопатникот во кочанското возило“, велат од Обвинителството.

    Првичното тестирање кај возачот на автомобилот „шевролет“ покажало присуство на алкохол, но дополнително, со цел да се утврди точниот процент, земени се примероци од крв за анализа.

    Вчера во близина на патарината кај селото Кадрифаково во сообраќајната несреќа, 15-годишна девојка и 62-годишна жена загинаа на самото место, а потоа во Клиничката болница во Штип починала и 37-годишна жена, која имала тешки телесни повреди.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира