Бизнисменот Сеад Кочан има упатен акт да се јави во казнено-поправна установа на 17 јули на издржување на затворската казна, соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје. Кочан е правосилно осуден на 4 години и 8 месеци затвор во предметот на СЈО „Труст“ за добивање на незаконски тендер од 2011 година распишан од државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола.
Основниот кривичен суд Скопје првостепено го осуди Кочан на 6 години затвор на 20 јули 2018, а на 11 март 2019 Апелациониот суд му ја намали казната на 4 години и 8 месеци. Второобвинетиот во истиот предмет, Василие Авировиќ, доби две години условно од Апелација, откако првостепено беше осуден на три години затвор.