Специјалното јавно обвинителство вели дека осомничениот Сеад Кочан заминал на службен пат еден ден откако Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор за случајот „Труст“ на СЈО. Специјалниот обвинител Гаврил Бубевски го кажа ова на денешната јавна седница на Апелацискиот суд на која се расправаше по жалбата на одбраната на Кочан, првоосомничен во „Труст“, против одлуката на Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 и додаде дека Кочан е избеган и никој не знае каде е веќе седум дена.
„Сеад Кочан го нема. Избеган е. Седум дена никој не знае каде е. И не отишол на службен пат пред да му биде изречена мерката притвор, туку ден по одредувањето. На 9 март”, кажа Бубевски пред Судот и пред одбраната на Кочан.
Седницата заврши, а одлука тричлениот судски совет ќе донесе дополнително.
Одбрана на Кочан во жалбата навела дека медиумите прават невидена хајка против осомничениот Сеад Кочан дека е во бегство, а тој е на службен пат, за што достави патен налог, прочита судијката Лилјана Шопова.
Според одбраната, изрекувањето на мерката притвор за Кочан е спротивно на праксата на Европскиот суд за човекови права и слободи.
„Ако притворите сопственик на телевизија, го кршите член 10 од Европската конвенција за човекови права и слободи“, рече адвокатот на Кочан, Никола Додевски.
Тој праша зошто нема притвор и за второосомничениот Василије Авировиќ, туку забрана за воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање определни работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Шопова првин ги прочита аргументите на Кривичниот суд од Скопска единица, поради кои одлучил на Кочан да му биде одредена мерка притвор. Кривичниот совет смета дека има опасност од бегство на осомничениот, бидејќи е имотен човек и може да обезбеди престој во странство по бегството. Казната за делото за кое е осомничен е над 5 години затвор, а тоа дека му ги дал на СЈО сите барани документи од неговата фирма „Трансмет“, за истрагата за случајот „Труст“, не ја елиминира опасноста од бегство.
Кривичниот совет ценел, рече Шопова, и дека постои опасност од попречување на истрагата од страна на Кочан, зашто допрва ќе се вештачи финансиското работење на „Трансмет“.
Додевски смета дека економското вештачење го вршат независни вештаци и неговиот клиент нема потреба да е во притвор. Одбраната тврди и дека нема опасност од повторување на делото, бидејќи мултихолдинг компанијата ја раководи неговата сопруга Асмира Кочан и тој не е управител. Одбраната опонираше на сите докази на СЈО. Од СЈО присутни на јавната расправа на која треба да се одлучи дали ќе се прифати мерката притвор, присутни се обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски.
СЈО на 25 февруари отвори истрага против правните лица „Трансмет“, „Силекс неметали СТ“ и „ВАТО“ од Студеничани за фалсификувани документи за учество на тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи на прес-конференција изјави дека ЕЛЕМ им овозможил на конзорциумот од овие три фирми да остварат противправна имотна корист во износ од една милијарда денари или околу 17 милиони евра. Станува збор за јавна набавка за ископ на јаловина во рудникот Суводол во ноември 2011.
С. К. ДЕЛЕВСКА