Претседавачот Талат Џафери ја отвори конститутивната седница на новиот парламентарен состав, избран на 15 јули. Во големата сала, најгоре под куполата, Џафери првин ги прочита еден по еден сите 120 пратеници, тројца беа отсутни.
Со кревање на картончиња, пратениците првин избраа верификациона комисија за да ги верифицира новите пратенички мандати според извештајот од ДИК за резултатите од предвремените парламентарни избори.
Потоа даде пауза од 30 минути, комисијата да ја заврши процедурата, а од пратениците побара од здравствено-безбедносни причини да останат во салата, освен ако имаат итна потреба да излезат.
„Седете во салата дури трае паузата. Не се шетајте, од безбедносни причини, освен ако не морате да излезете за потреба. Седете тука и запознајте се малку меѓу себе”, им рече Џафери на пратениците, но половината од нив веднаш се упатија кон излезот.
С. К. ДЕЛЕВСКА