СЕДУМ НОВОЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ, ТРОЈЦА ВО ПОТЕШКА СОСТОЈБА

    СЕДУМ НОВОЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ, ТРОЈЦА ВО ПОТЕШКА СОСТОЈБАНа Клиниката за инфективни болести се лекуваат 29 заболени од мали сипаници, од кои две деца се во потешка состојба, а еден возрасен е на машина за дишење (Фото: СДК.МК)

    Четворица новозаболени од мали сипаници (морбили) вчера се примени на болничко лекување на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а тројца други болни биле амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување. Од Клиниката за инфективни болести велат дека во моментов кај нив се лекуваат 29 пациенти заразени со мали сипаници, од кои 11 се возрасни, а 18 се деца. Меѓу новопримените пациенти три се деца и еден е возрасен.

    „Примено е 3-месечно бебе, кое претходно се лекувало во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, каде исто така се лекува неговото братче од морбили. Бебето е со тешка клиничка слика. Примено е едногодишно дете од Тетово, за кое нема податок дали е вакцинирано, а има пневмонија како компликација од малите сипаници. Примено е 9-месечно дете од Велес, а на Клиниката за инфективни болести од морбили и пневмонија се лекува и неговиот татко. Четвртиот пациент е од населба Гази Баба и има 24 години“, велат од Министерство за здравство.

    Од Министерството велат дека тројцата болни кои биле амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување се двајца возрасни и едно дете. Од Министерството за здравство велат дека од почетокот на епидемијата досега во Скопје се вакцинирани 9.045 деца. Од Министерството за здравство апелираат сите што се невакцинирани да се вакцинираат, бидејќи тоа е единствениот начин на заштита од оваа болест, која може да предизвика сериозни последици по здравјето.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира