СЕКОЕ ШКОЛО ДА ОДРЕДИ КАКО ЌЕ СЕ КОРИСТАТ МОБИЛНИТЕ ВО УЧИЛНИЦИТЕ, ДА СЕ РАЗГОВАРА ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА УНИФОРМИ, ВЛАДАТА ДОНЕСЕ 10 ПРЕПОРАКИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

    СЕКОЕ ШКОЛО ДА ОДРЕДИ КАКО ЌЕ СЕ КОРИСТАТ МОБИЛНИТЕ ВО УЧИЛНИЦИТЕ, ДА СЕ РАЗГОВАРА ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА УНИФОРМИ, ВЛАДАТА ДОНЕСЕ 10 ПРЕПОРАКИ ЗА БЕЗБЕДНОСТВо активностите на Општинските совети се предлага и вклучување на Сојузот на средношколци. (Фото: К. Попов)

    Секое училиште треба да направи протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите во просториите на училиштата, е една од десетте препораки кои ги усвои Владата на денешната седница, а кои се наменети за подигнување на безбедноста во училиштата.

    Препораките ги претстави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој меѓудругото додаде дека укинување на потреба на мобилните за време на часовите ќе поттикне повеќе дискусија, размена на идеи. Препораките, рече тој, се резултат на еден широк процес на консултации со добиени сугестии до академската фела и експертската јавност и дека почнуваат да важат веднаш.

    Овие препораки следат по масовните пукања во Белград и околината на Младеновац во Србија, во кои беа убиени вкупно 18 лица. Убијците се 14-годишен ученик и 20-годишник.

    „Им препорачуваме на сите локални самоуправи во соработка со меѓуопштинските центри за социјални работи да формираат стручни тимови на ниво на општините во чиј фокус на работа ќе бидат разговори, поединечно со секое дете ученик во секое училиште. Второ, му се укажува на Државниот совет за превенција на детско претстапништво да достави информации за работа и колку општински совети за превенција се опфатени и во следниот период да ја засили комуникацијата со Министерството за образование и наука (МОН)  во насока на преземени активности за градење клима на доверба и добросостојба во училишта. Во активностите на Општинските совети да се предвиди вклучување на Сојузот на средношколци“, рече министерот.

    Трето, додаде, им се укажува на сите основни и средни училишта да одржат состаноци со сите родители, старатели на тема „Подобрување на процесите, безбедност на организација и состојбите на училишните објекти и околината“, на крајот на состаноците потребно да се отворат дискусии дали се потребни училишни униформи како кодекс на облекување на учениците, родителите да се запознаат со етичкиот кодекс на наставниците и да се размисли за надополнување на постоечкиот кодекс со правила за облекување на наставниот кадар и стручните служби.

    Потребно е, рече Шаќири, на овие состаноци родителите да се потсетат на законските обврски кои произлегуваат од Законот за семејство и Кривичниот закон во делот на одговорноста при извршување на родителското право. Училиштата е потребно да ги известат МОН за присутноста од страна на родителите на овие состаноци, на овие состаноци секој пеодинец треба да се запознае со веќе усвоените десет препораки.

    „Во кризни ситуации кои можат негативно да влијаат на однесувањето на учениците потребно е менаџментите, наставниците и стручните служби да одговараат соодветно, да дискутираат и да влијаат на менталната состојба на младите, да понудат поддршка за надминување на предизвиците и да овозможат надминување на несигурноста и задржување на чувството на безбедност во училиштата“, кажа министерот.

    Шаќири рече дека им се укажува и се препорачува на општините и на Град Скопје во новата годишна програма за работа на училиштата да се развијат и дополнително зајакнат превенивни програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, злоупотреба, спречување дискриминација, соработка со родителите/старателите.

    „Се укажува на секое училиште да обезбеди просторни услови за соработници со цел да бидат отворени за учениците и доколку имаат потреба да закажат тет-а-тет средба со својот училишен психолог. МОН заедно со стручните соработници ќе формриаат работна група која ќе треба да креира протоколи за соодветна работа при обезбедување на психосоцијална поддршка и ментална здравје на учениците“ рече Шаќири.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира