СЕКОЈ ДЕН СУМ НА СУДЕЊЕ, НЕ Е ФЕР, НЕМОЈТЕ СУДИЈА ДА ГО ЗАКАЖУВАТЕ БРЗО СЛЕДНОТО РОЧИШТЕ, ЗАМОЛИ ГРУЕВСКИ

    СЕКОЈ ДЕН СУМ НА СУДЕЊЕ, НЕ Е ФЕР, НЕМОЈТЕ СУДИЈА ДА ГО ЗАКАЖУВАТЕ БРЗО СЛЕДНОТО РОЧИШТЕ, ЗАМОЛИ ГРУЕВСКИСудијата Ставрев го одложи судењето за 15 февруари. - Никола Груевски влегува во Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Не можеме да ги слушнеме снимките за Космос за една недела, секој ден сме на рочишта, молеше и му објаснуваше експремиерот Никола Груевски на судијата Огнен Ставрев во Основниот суд Скопје 1, кој го премести денешното рочиште за предметот на СЈО „ТНТ“ за една недела.

    „Кога да ги слушаме тие докази? Понеделник, вторник, среда… секој ден сум на судење. На Зоран Заев судот му закажува на 2 месеци, мене секој ден. Ова веќе не е судење. Ова е фарса. Ова е малтретирање“, за првпат влезе во дијалог со судија обвинетиот Груевски.

    Продолжи: „Зошто минатиот пат ни ветивте дека ќе ги добиеме прислушуваните разговори во суд? А што ако има во нив приватни разговори?“.

    Ставрев рече дека не знае што има во тие докази и не смее да знае. Рече кога ќе се слушаат во судница, јавноста може да биде исклучена. Адвокатите на Никола Груевски, Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и уште 4 службеници од општината, и на денешното продолжение на судењето за уривањето на објектот Космос на Фијат Цаноски, упорно ги бараат прислушуваните разговори и смс пораки од обвинетите.

    Се заканија дека ако СЈО не им ги даде бомбите, ќе се жалат во Европскиот суд во Стразбур.

    „Чекајте, ние овде уште не сме почнале, па за Стразбур зборите. Вие барате одлагање, сакате да кажете такви искусни колеги не сте спремни да дадете одбрана на обвинетите?“, праша судијата Огнен Ставрев.

    Обвинителот Бурим Рустеми пак укажа дека обвинетите и одбраната кога биле канети во СЈО не дошле да ги слушаат бомбите со нарачки од страна на Груевски за уривањето на објектот Космос на Цаноски и дека по закон, овие доказни материјали мора да се чуваат во обвинителството.

    Судијата Ставрев сепак го одложи судењето за 15 февруари и ги упати адвокатите дека во секој момент можеле да ги слушаат снимките и во Основниот суд Скопје 1, откако тоа не го направиле во СЈО за време на истрагата. Го отфрли барањето денешното судење да се прекине.

    Оштетениот Фијат Цаноски веќе изјави дека со одмаздничкото уривање на неговиот комплекс во изградба, во август 2011 година, само затоа што ја напуштил коалицијата со Никола Груевски, направена му е штета од 50 милиони евра.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира