Прегледите и интервенциите од електронскиот систем „Мој термин“ ќе бидат достапни и за лицата на кои им беа одложени интервенциите поради ковид-19 и на новите пациенти, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Термините ќе им се закажуваат согласно листата на чекање кај соодветен доктор и како што биле одложувани интервенциите, таква ќе биде и динамиката.
„Веќе се направени списоци пред сè во институциите каде што се собирани повеќе пациенти, со хронични заболувања, каде се одложуваа интервенциите и еден дел од капацитетите ќе им биде посветен на нив, согласно листата на чекање кај соодветниот доктор. Тој ќе има обврска да направи еден дел за интервенциите само за овие пациенти, друг дел за новите“, рече Филипче.
Министерот додаде дека сега малку подолго ќе трае прегледот, и дека пациентот не треба да дојде со придружба, или со него да биде максимум едно лице.
„Многу често се закажува амбулантата. Можам да кажам дека одлично искуство од почеток на неделата имаат на Клиниката за педијатрија, која имаше бројни консултации. Тоа веќе функционираше на Клиниката за урологија, ортопедија, болницата ‘Свети Еразмо’ и во Градската општа болница ‘8 Септември’. Во овие здравствени установи процесот на интервенции на стари и нови пациенти ќе биде паралелен“, кажа министерот.
Б. НЕСТОРОСКА