СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ БЕСПЛАТНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ ШТО ГИ ДОБИВААТ ОД НЕВЛАДИНИТЕ

    СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ БЕСПЛАТНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ ШТО ГИ ДОБИВААТ ОД НЕВЛАДИНИТЕСексуални работници, активисти за човекови права и нивни поддржувачи маршираа во Скопје на 17 декември за да го одбележат Меѓународниот ден за стоп на насилство врз сексуалните работници. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сексуалните работници, лицата што инјектираат дроги, лицата што живеат со ХИВ и останатите маргинализирани заедници за еден месец ќе останат без бесплатните здравствените и социјалните услуги што ги добиваат од 15 невладини организации, ако новата влада итно не го реши проблемот со финансирање на сервисите за поддршка.

    Уште овој месец сервисите, меѓу кои и комбето за бесплатен и анонимен ХИВ тест, гинеколошката ординација, бесплатната правна и социјална поддршка, бесплатните кондоми, се финансираат преку средства од Глобалниот фонд, кој од следниот месец се повлекува од земјата. Функционирањето на овие сервиси државата требаше да го преземе уште на почетокот на оваа година, но место тоа беа скусени средствата од превентивните програми.

    „Јас сум Мими и се занимавам со сексуална работа. Јас сум мајка на три деца, кои сама ги растам, бидејќи пред четири години останав вдовица. Тогаш почнаа и моите проблеми. Иако сум вработена, мојата плата од 12.000 денари е недоволна за да можам сама да растам три деца. Се обидов да најдам друга работа, која ќе биде поплатена, но не успеав. Во меѓувреме ми ја исклучија струјата, бидејќи немав пари да ги платам сметките. Се обидов да добијам социјална помош, но ми рекоа дека не ми следува, бидејќи сум вработена. Позајмував од роднини и пријатели, за да можам да ги прехранам децата. На крај одлучив да се занимавам со сексуална работа“, вака ја почна својата животна приказна сексуална работничка и членка на граѓанската иницијатива за промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-Стар“.

    Таа преку СОС линијата во „Стар-Стар“ ги упатува сексуалните работнички како најбрзо и најлесно да добијат бесплатни кондоми, бесплатен ХИВ тест, здравствени и социјални услуги што ги обезбедуваат сервисите.
    „Дел од клиентите се обидуваат да добијат секс без да платат, или ќе покажат полициска значка и мислат дека со тоа ќе ме исплашат и дека ќе добијат бесплатен секс. Неколку пати им успеа, бидејќи навистина се плашев дека може да ме успасат. Но, јас не правам ништо криминално, не практикувам секс на јавен простор, што е казниво со закон за сите граѓани. Веќе не им проаѓа тоа, бидејќи сме едуцирани и ги знаеме своите права. Освен на Инфо линијата во Стар, одам и на терен и делам бесплатни кондоми и информации на останатите сексуални работници за да знаат кои се нивните права и каде може да се обратат за помош“, вели Мими.

    Борче Божинов, од граѓанската иницијатива за промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-Стар“, вели дека Инфо линијата за сексуалните работници не е загрозена од заминувањето на Глобалниот фонд во земјава во јули годинава, бидејќи се финансира преку друга програма, но додава дека таа ќе биде бескорисна ако згаснат сревисите за здравствена и социјална помош.

    „Сега преку Инфо линијата сексуалните работнички ги препраќаме до потребните сервиси, без оглед дали е за гинеколошки преглед, за ХИВ тестирање или за да добијат бесплатни кондоми и лубриканти. Но, ако се стави клуч на врата на овие сервиси, ќе нема каде да ги препраќаме“, вели Божинов.
    Елизабета Божиноска, од невладината ХЕРА, рече дека Министерството за здравство и Владата итно мора да обезбедат средства за да не се затворат овие сервиси, а потоа да обезбедат и механизми за долгорочно функционирање на овие сервиси. Во спротивно Македонија же се соочи со епидемија од ХИВ.

    „Глобалниот фонд веќе не може да ги финансира овие сервиси, бидејќи Македонија е во земјите со ниска стапка на ХИВ и според нивните критериуми, овие сервиси треба да ги финансира државата. Дел од успешната приказна за ниската стапка на ХИВ, особено межу маргинализираните заедници, се токму овие сервиси, преку кои се обезбедува бесплатен прибор за корисниците на дроги, бесплатни кондоми, потоа бесплатни тестови и здравствени услуги. Ако само еден месец овие сервиси престанат со работа, можеме да очекуваме зголемување на стапката на ХИВ, особено меѓу корисниците на дроги. Како пример ќе ги посочам Србија и Црна Гора, каде пред две години се повлеќе Глобалниот фонд и таму државата не обезбеди средства за овие сервиси и за многу кратко време буквално има епидемија со ХИВ и овие две земји повторно се на листата на финансирање од Глобален фонд. Последиците од тоа се страшни, а и трошоците на здравствениот систем за справување со состојбата се огромни“, вели Божиновска.

    Таа апелира Министерството за здравство итно да го распише огласот за доделување средства за превенција на невладините организации, бидејќи во превентивните програми за таа намена веќе се одвоени 14,7 милиони денари или 240.000 евра.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира