Пожарот кај Негорци е ставен под целосна контрола, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, откако пред 18 часот апелираше до жителите на селото да се вклучат во гаснењето на пожарот, кој стигнал до 50 и 100 метри од првите куќи.
„Пожарот е изгаснат од страна на пожарникарите од Гевгелија, Неготино, Валандово, Кавадарци како и доброволците од Доброволното противпожарно друштво ‘Неготино’ со подршка на еден армиски хеликоптер. За жал беше зафатена и борова шума. Очекувам многу бргу да биде целосно изгаснат“, изјави Ангелов.
Од Владата по денешната седница соопшрија дека се дискутирал за пожарите во земјава, за штетите, но и за причините за толкав број на пожари.
„Како причини се наведува дека најголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор, најмногу ненамерно, заради палење на стрништа, пасишта и меѓи. Во делот на намерно предизвиканите пожари, беше посочено дека преовладуваат криминални мотиви и има повеќе такви случаи кои се испитуваат“, велат од Владата.
Според последните податоци на ЦУК, до 13 часот во земјава имаше 16 пожари на отворен простор, од кои 7 активни, 6 под контрола и 3 изгаснати.
Ангелов попладнево изјави декa има пожар и на територијата на општина Петровец, во атарот на с. Градманци, кој а се движи во насока на с. Катлановска Брезница. Таму гори деградирана шума, нискостеблести растенија.
Б. НЕСТОРОСКА