СЕМЕЈСТВАТА НА ПОЧИНАТИТЕ ДОНОРИ НА ОРГАНИ СЕ ХЕРОИ НА ДЕНЕШНИЦАТА, ВЕЛИ МАЈА МОЈСОВА, НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА

    СЕМЕЈСТВАТА НА ПОЧИНАТИТЕ ДОНОРИ НА ОРГАНИ СЕ ХЕРОИ НА ДЕНЕШНИЦАТА, ВЕЛИ МАЈА МОЈСОВА, НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТОР ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈАПокрај семејството на донорот, д-р Маја Мојсова им се заблагодарува и на нејзините колеги, екипите од Урологија, Нефрологија, Трансфузиологија и КАРИЛ. - Мојсова по првата трансплантација на срце на 23 мај годинава (архивска фотографија)

    Националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова, вели дека семејствата на починатите донори на органи се нашите херои на денешницата, откако на Клиниката за урологија 35-годишна девојка доби бубрег од 43-годишен пациент со мозочна смрт, а во тек е трансплантација на другиот бубрег.

    По дијагностицирана мозочна смрт на 43-годишникот, Комисијата за трансплантација назначена од Министерството за здравство, побарала согласност од семејството за донирање органи на настраданиот, кој имал тешки повреди на мозокот.

    „Со сето срце, без размислување и покрај тагата за својот близок се согласија да даруваат органи. Секогаш изразувам голема благодарност до овие луѓе кои и покрај шокот од ненадејната смрт на блискиот, имаа доблест и неизмерна љубов да спасат животи на луѓе што не ги знаат. Тоа се нашите херои на денешницата“, вели д-р Мојсова за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Таа вели дека била утврдена можност да се донираат два бубрега, како и срцето. Едниот бубрег веќе го прими 35-годишна пациентка, а во тек е трансплантација на вториот бубрег на 62-годишен пациент, кој е и слеп.

    „За жал, не успеавме да го трансплантираме и срцето иако имаше соодветни приматели на листата на чекање. Тие едноставно не беа психички спремни за ваква сложена интервенција“, вели д-р Мојсова.

    Покрај семејството на донорот, таа им се заблагодарува и на нејзините колеги, екипите од Урологија, Нефрологија, Трансфузиологија и КАРИЛ.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари