ШАХОТ ЌЕ СТАНЕ ИЗБОРЕН ПРЕДМЕТ ЗА ДЕЦАТА ОД ПРВО И ВТОРО ОДДЕЛЕНИЕ

    ШАХОТ ЌЕ СТАНЕ ИЗБОРЕН ПРЕДМЕТ ЗА ДЕЦАТА ОД ПРВО И ВТОРО ОДДЕЛЕНИЕНаставата ќе ја спроведуваат наставници кои се веќе вработени во училиштата, а ќе бидат обучени од шаховски тренери (Фото: Пексел)

    Од новата учебна година, шахот ќе биде изборен предмет за децата од прво и второ одделение, потврди Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), откако нејзината програма била прифатена од Бирото за развој на образованието. За почеток ќе бидат опфатени само овие возрасти, зашто така е дозволено со наставниот план и програма.

    Неколку години се обидувавме да го воведеме шахот како изборен предмет, по примерот на неколку други земји, како Полска и Англија. Оваа година наидовме на позитивен пристап од страна на Министерството за образование и министерот Јетон Шаќири, па така почна целата иницијатива. Шахот има многу придобивки. Децата кои го изучуваат шахот од рани години имаат зголемена концентрација, подобро логичко размислување, подобри се во решавањето проблеми, анализа и слично“, велат од Шаховската федерација.

    Програмата за шах во училишта е изработена во соработка со интернационалниот мајстор Орце Данчевски, кој ги држи часовите по шах во основното училиште „Јахја Кемал“, каде што веќе десетина години шахот е задолжителен предмет за учениците од прво, второ и трето одделение.

    Наставата ќе ја спроведуваат наставници кои се веќе вработени во училиштата, а ќе бидат обучени од шаховски тренери. Во Македонија има дваесетина лица кои имаат лиценца за тренер од Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ). Сличен пример за воведување на шахот во школите има во Полска и оттаму ги презедовме искуствата. И таму биле обучувани одделенски наставници да го држат часот по шах и проектот се покажа како голем успех“, додаваат од ШФМ.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира