Во герила акција на „Шарена револуција“, синоќа беше обоен Кривичниот суд Скопје 1, за кој оваа организација смета дека е извор на најголемите опструкции во работата на СЈО.
„Од вкупните барања за притвор од страна на СЈО, Кривичниот суд одобри само едно барање. Од другата страна, за периодот од 2012 до 2014 година, од вкупно 717 барања за притвор од страна на Обвинителството на Марко Зврлевски, судовите во Република Македонија имаат одобрено 707 (99 проценти). Ова е само еден од многуте облици на опструкции и на поставување двојни стандарди во судската практика кога станува збор за работењето на СЈО,“ пишува на страницата на „Фејсбук“ на „Шарена револуција“.
Во видеозаписот од акцијата, тие повикуваат на собир за поддршка на СЈО, кој е закажан за денеска во 17 часот пред Собранието.