ШЕФИЦА ВО САЛОН ЗА МЕБЕЛ НЕ ПУШТИЛА ДА ВЛЕЗЕ РАБОТНИК СО НЕЧИСТИ ЦОКУЛИ И РАБОТНИЧКА ОБЛЕКА, ПРЕД АНТИДИСКРИМИНАЦИСКАТА КОМИСИЈА СЕ ПРАВДАЛА ДЕКА ТАМУ ВЛЕГУВААТ ФАМИЛИЈАРНИ ЛУЃЕ

    ШЕФИЦА ВО САЛОН ЗА МЕБЕЛ НЕ ПУШТИЛА ДА ВЛЕЗЕ РАБОТНИК СО НЕЧИСТИ ЦОКУЛИ И РАБОТНИЧКА ОБЛЕКА, ПРЕД АНТИДИСКРИМИНАЦИСКАТА КОМИСИЈА СЕ ПРАВДАЛА ДЕКА ТАМУ ВЛЕГУВААТ ФАМИЛИЈАРНИ ЛУЃЕКомисијата утврдила дека пријавената управителка различно ги третира муштериите, во зависност од надворешниот изглед и облеката. - Претседателката на КСЗД Весна Бендевска (Фото: СДК.МК)

    Гостиварчанец кој на враќање од работа сакал да влезе и да разгледа во салон за мебел во градот, не бил пуштен да влезе зашто имал валкани цокули и работничка облека.

    Забраната за влез поради несоодветната облека што ја носел, на работникот лично му ја кажала раководителката на салонот. Навреден и понижен, тој веднаш ја пријавил за дискриминација и случајот го добил.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила директна дискриминација од страна на раководителката на салонот врз основа на општествен статус, социјално потекло  и лично својство. Известена е дека треба да му се извини на работникот, а ако не го стори тоа, ќе биде покрената постапка против неа.

    „Во поднесокот за произнесување од страна на управителката, е потврдено дека не му било дозволено да влезе на горниот дел од салонот заради облеката, посочувајќи му за обувките, бидејќи ќе се извалкал салонот. Во поднесокот таа навела и дека кодексот на кој се придржуваат е скромен, дека не бараат клиентите да носат вратоврски или да се свечено облечени, но тоа не значи дека клиентот може да влезе непристојно облечен, земајќи предвид дека се работи за салон кој е посетуван од фамилијарни луѓе и оти не ни треба да се споменува дека не може да се влезе со нечиста облека и валкани обувки“, објавува Комисијата кои биле аргументите на шефицата на салонот за својата постапка кон лицето што не го пуштила за да не ѝ го извалка салонот.

    Комисијата утврдила дека „управителката различно ги третира муштериите во зависност од нивниот надворешен изглед и облеката, со тоа што била кому ќе му биде дозволено да влезе во салонот, што претставува дискриминација врз основа на лично својство и општествен статус“.

    Покрај извинувањето што треба да му го упати на вратениот валкан работник писмено и усно, Комисијата донела препорака за управителката во иднина да обезбеди еднаков и непречен пристап до услугите во салонот, за сите граѓани на Македонија, без разлика на нивното лично својство, материјален и општествен статус.

    Тоа што му го направила на човекот, е спротивно на Уставот, Универзалната декларација за човекови права и на Европската конвенција за човекови права, на кои сме потписници како држава, наведува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира