ШКОЛИТЕ И ГРАДИНКИТЕ ЌЕ ПРИМААТ ДЕЦА ИАКО НАСТАВНИЦИТЕ ЌЕ ШТРАЈКУВААТ, ВЕЛАТ ОД МОН

    ШКОЛИТЕ И ГРАДИНКИТЕ ЌЕ ПРИМААТ ДЕЦА ИАКО НАСТАВНИЦИТЕ ЌЕ ШТРАЈКУВААТ, ВЕЛАТ ОД МОНПокрај зголемување на платите за 18,5 отсто, Синдикатот бара пресметката натаму да се врзе со минималната плата во Македонија; - Претседателот на СОНК Јаким Неделков. (Фото:СДК.МК)

    Oсновните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно-образовен процес и од утре, за кога е најавен штрајкот од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), соопшти Министерството за образование и наука (МОН). И Министерството за труд и социјална политика соопшти дека сите предучилишни установи ќе продолжат да ги згрижуваат децата и во деновите на најавениот штрајк.

    „Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година. Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, велат од МОН.

    Од Министерството укажуваат дека училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно-образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако „по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото“.

    Од Министерството за труд и социјална политика велат дека согласно Законот за заштита на децата, во преучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк.

    „По повод најавениот штрајк од страна на СОНК и во предучилишните установи, а кое право е загарантирано право на работниците согласно со Уставот, при остварувањето на правото на штрајк вработените се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст“, соопшти Министерството.

    СОНК одлуката со генерален штрајк да се почне на 11 април ја донесе на 29 март, откако не успеаја преговорите со Владата за усогласување на платите со минималната плата на национално ниво. СОНК не отстапува од барањето платите во образованието да се усогласат со минималната плата, која од овој месец се зголеми на 18.000 денари. Синдикатот бара минималната плата во иднина да биде основицата со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места во образовниот сектор. Програмската определба на Владата е минималната плата уште да расте, па така автоматски со закон би растела и платата на воспитувачот.

    Ќе штрајкуваат наставниците и негувателите во сите установи од дејностите детска заштита, основно и средно образование, во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени.

    „Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес“, кажаа од СОНК која ја објавија одлуката за генерален штрајк.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира