ШОКОТ ОД БРИСЕЛ НЕКА БИДЕ ПОВИК ДО ПОЛИТИЧАРИТЕ ДА ГО РАБОТАТ ТОА ЗА ШТО СЕ ИЗБРАНИ, РЕЧЕ ДОРИС ПАК ВО СКОПЈЕ

    ШОКОТ ОД БРИСЕЛ НЕКА БИДЕ ПОВИК ДО ПОЛИТИЧАРИТЕ ДА ГО РАБОТАТ ТОА ЗА ШТО СЕ ИЗБРАНИ, РЕЧЕ ДОРИС ПАК ВО СКОПЈЕ„Политичарите треба конечно интензивно да работат на политиките на образование, здравство и подобрување на правосудството за луѓето повторно да почувствуваат дека се важни, да бидат среќни и со тоа да ги гласаат политичарите‘, рече поранешната пратеничка во Европскиот парламент Дорис Пак на денешниот македонско-германски форум (Фото: К. Попов)

    „Шокот од Брисел нека биде повик за будење. Политичарите го решија името, тоа сега треба да се тргне настрана, и да почнат да го работат она за што се избрани , за луѓето, за народот. Јас да би била политичар тука сега точно ќе знаев што треба да сторам“, рече денеска во Скопје Дорис Пак, претседателка на Асоцијацијата на жени во Европската народна партија и поранешна пратеничка во Европскиот парламент, за недобивањето датум за преговори си ЕУ.

    Пак учествуваше на 3. Македонско-германски форум „Перспективите за проширување по Европскиот совет? Улогата на Собранието во пристапниот процес на Северна Македонија и релациите со Европскиот парламент”, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.

    „Јас многу одамна, уште 1989 работам на овој регион , во времето кога постоеше Југославија. Не сум била никогаш поврзана со политичарите на овие простори, туку со луѓето. Моја желба би била сега ова што се случи да им биде еден повик за будење на политичарите, дека треба конечно интензивно да работат на она што нив им е всушност и работа, а тоа е да ги решаваат проблемите на својот народ. Тука мислам на политиките на образование, здравство и подобрување на правосудството, за луѓето повторно да почувствуваат дека се важни, да бидат среќни и со тоа да ги гласаат политичарите. Така, на овој пат многу побрзо ќе се добие едно поголемо и едно посилно да за влез во Европската Унија“, рече Пак.

    Дорис Пак и германскиот амбасадор Томас Герберих (Фото: К. Попов )

    Таа додаде оти ги гледа Северна Македонија и државите од Југоисточна Европа како дел од Европската Унија, што, како што рече, тоа логички се подразбира со оглед на нивната географска позиција.

    „Мора да се потрудиме да се случи тоа по пат на мир, стабилност и демократско владеење. Само така може да станат дел од ЕУ. Не би сакала да споменувам која би била другата варијанта, она што се случи во 1990-те, за жал се сеќаваме на тие лоши времиња. Со тоа мојата надеж е дека оние луѓе кои се против, кои кажаа Не, тие ќе разберат дека е во наш интерес, на Европејците, дека овие држави да станат дел од ЕУ“, кажа Пак.

    Таа во својот говор зборуваше и за растот на национализмот по 2005, и дека во Европа има движења кои одат во правецот на националистички и на домашни развивања, „ и ние треба да се потрудиме да го спречиме тоа да стане тенденција, општо насекаде. Колку што зборував со лидерот на ВМРО Христијан Мицкоски, тоа е разбирливо за него и никогаш не рекол дека го спори договорот на Преспа или сака да го бутне. Изјави дека да, не гласале за, но никогаш не кажа дека не би го акцептирал договорот, затоа што тоа е веќе завршена ситуација. Предметот е ад акта. Не гледам друго решение освен Владата да продолжи да работи“.

    На Форумот говореа и потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, германскиот амбасадаор Томас Герберих, Јоханес Д. Раи официјален претставник на Фондацијата и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

    „Овде запознав многу Македонци, независно од која етничка заедница, кои се грижат и трудољубиво работат за подобра иднани на на државата. Не смее да им се одземе таа надеж. Треба луѓето да сакаат да останат, а не само да гледаат да ја напуштат државата и да бараат подобар живот. Од оваа причина, Европската Унија има обврска она што го ветила и да го исполни, а Германија сѐ уште стои зад она што го кажала“, рече германскиот амбасадор.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира