ШТИТЕНИЦИTE НА ВП ДОМОТ „ТЕТОВО“ САМИ ИЗДЕЛКАА УКРАСИ И ЛАМПИОНИ ОД ДРВО, ДВОРОТ И СОБИТЕ ГИ УКРАСИЈА СО ЕЛКА И РАКОТВОРБИ ОД ШАРЕНА ХАРТИЈА И ПЕЛЕТИ

ШТИТЕНИЦИTE НА ВП ДОМОТ „ТЕТОВО“ САМИ ИЗДЕЛКАА УКРАСИ И ЛАМПИОНИ ОД ДРВО, ДВОРОТ И СОБИТЕ ГИ УКРАСИЈА СО ЕЛКА И РАКОТВОРБИ ОД ШАРЕНА ХАРТИЈА И ПЕЛЕТИДел од атмосферата во опремената работилница, каде што децата коваа, фарбаа, лепеа новогодишни украси и снегулки (Фото: ВП дом „Тетово“)

Убава атмосфера и полни раце работа имаа деновиве штитениците од Воспитно-поправниот дом (ВП) Тетово за да го направат дворот новогодишна приказна. На тревникот надвор никнаа големи и помали „снегулки“ што децата ги изработија од пелети, а најголемата возбуда беше китењето на големата елка. Внатре во ходниците и собите на децата во оваа затворена институција има посебна убавина. Секаде е украсено со рачно изработени украси од разнобојна хартија.

Во отсуство на образовниот процес, тие тука учеа дрводелски занает. (Фото: ВП дом „Тетово“)

Никогаш поисполнето не им е времето на правосилно осудените деца и младинци жители на „Тетово“ како што е овој месец, не само поради претпразничното расположение и подготовките за дочекот на Новата година. По долга пауза, тие од пред една недела повторно имаат школа. Учат, а девет деца од вкупно 20-ина се описменуваат за првпат.

На тревникот надвор никнаа големи и помали „снегулки“ што децата ги изработија од пелети. (Фото: ВП дом „Тетово“)

Магијата сепак се случува во работилницата во оваа институција, каде по часовите почнува креативниот дел на овие деца. Во отсуство на образовниот процес, тие тука учеа дрводелски занает.

Најголемата возбуда беше китењето на големата елка. (Фото: ВП дом „Тетово“)

„Веќе една недела во Домот е многу живо. Децава се чудесни, имаат голема желба да изработуваат убави украси. Ги прават со љубов, многу се среќни. Новогодишните украси што ги поставивме заедно во дворот, се направени од дрво, од пелети. Тука во работилницата овие млади мајстори мереа, сечеа, лепеа, коваа дрврни снегулки и лампиони, фарбаа и направија импресивни ракотворби. Китењето на елката беше посебен радосен момент“, вели директорот на Домот Даниел Антоски, кому, како што ни рече, душата му е полна сега кога има и образование и активности на децата.

Секој метар од собите е украсен со ракотворби од шарена хартија (Фото: ВП дом „Тетово“)

Денот на штитениците конечно им е исполнет и сега веќе може да се збори за процес на ресоцијализација во вистинска смисла на зборот. Тоа е она што недостигаше и што Народниот правобранител и невладините организации за човекови права и за правата на детето го забележуваа и го критикуваа подолго време. Најголемиот проблем беше што тие деца немаа образовен процес зашто Министерството за образование не им ги продолжи договорите на наставниците, но иако помина речиси цело прво полугодие, на почетокот на овој месец се среди и тоа.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира