ШТО АКО НИЕ ОДЛУЧИМЕ ДА СЕ ИСКЛУЧИМЕ ОД КАБЛОВСКИТЕ ОПЕРАТОРИ, КАЖА ДИРЕКТОРОТ НА КАНАЛ 5 ИВАН МИРЧЕВСКИ

    ШТО АКО НИЕ ОДЛУЧИМЕ ДА СЕ ИСКЛУЧИМЕ ОД КАБЛОВСКИТЕ ОПЕРАТОРИ, КАЖА ДИРЕКТОРОТ НА КАНАЛ 5 ИВАН МИРЧЕВСКИИван Мирчевски од „Канал 5“ и Атанас Кировски од „Телма“ на денешната прес-конференција на Македонската медиумска асоцијација и Сојузот на стопански комори на Македонија. (Фото: МИА)

    Петте национални телевизии (Алсат, Алфа, Канал 5, Сител, Телма) ги обвинија кабелските оператори дека нивната најава за прекин на реемитување на сите домашни и странски телевизии е незаконски чин и дека шират лажни вести. Кабелските оператори вчера, преку нивното здружение, објавија дека ќе прекинат да ги реемитуваат домашните и странските ТВ канали, поради измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), донесени на 16 февруари, непосредно пред да се распушти Собранието.

    Операторите велат дека со законските измени им се наметнува да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат. Денеска, петте национални телевизии одговорија дека станува збор за хир на кабелските оператори, бидејќи законските измени се донесени во декември 2018 година и операторите имале доволно време да се подготват за нивна имплементација.

    „Ова е паушален незаконски чин, да не речам хир на кабелските оператори. Ние сите пет национални телевизии гарантираме под морална и кривична одговорност дека за целата содржина што ја емитуваме 24/7 располагаме со валидни договори за авторски права. Тврдењата на директорот на АВМУ Зоран Трајчевски и на кабелските оператори дека станува збор за некаков закон донесен набрзина во некаква нетранспарентна атмосфера, тоа се класични лажни вести. Законот е донесен во 2018 година, а на тоа претходеа барем шест месеци дузина јавни расправи, дискусии, предлози, беше на ЕНЕР еден месец и беше донесен во Собранието во декември 2018 година. Поминаа 12 месеци за кое што време можеа да се подготват кабелските оператори. Година дена имаа да се подготват за импелментација на ова законско решение“, изјави Атанас Кировски од телевизија „Телма“.

    Тој вели дека станува збор за принципиелен став дека туѓо авторско право не може да се емитува на територија на Македонија.

    „Се емитува на територијата на Македонија она за што има авторски права, не може да се краде сè, па кога ќе се утврди дека некој ги има правата за тоа, тогаш ние ќе затемниме. Станува збор за принципиелност, туѓа авторско право не може да се емитува на територија на Македонија“, додаде Кировски.

    Директорот на телевизија „Канал 5“ Иван Мирчевски кажа дека може тие да одлучат да се исклучат од кабелските оператори.

    „Што ако ние одлучиме да се исклучиме од кабловските оператори, затоа што пак ние имаме опција друга. Но, да не одиме натаму, нема потреба“, кажа Мирчевски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Сојуз на стопански комори.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари