На прашање на пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ до премиерот Димитар Ковачевски на денешната седница за пратенички прашања, дали смета дека денеска добро се живее во Македонија, тој во еден долг одговор наведе сè што направила Владата откако е дојден за премиер во јануари, со бројки.
Во однос на стравувањето на Николовски за енергетската криза и дека скопјани зимава можеби ќе останат без парно греење, Ковачевски искористи прилика да потсети како додека ВМРО-ДПМНЕ била на власт, лиценцата за снабдување со топлинска енергија ја дала на фирма регистрирана во Кипар со само 5.000 евра основачки влог. Најстрашно, рече, таа фирма немала лиценца за гас, а ќе го греела Скопје. Притоа го упати да се распраша дали е таа фирма на руски бизнисмени.
„За крај, сакам да кажам нешто. Народот е свесен за деструкцијата која што произлегува од опозицијата што во моментов ја има. Ако се погледнат снимките само од вчерашниот ден, каде пратеник што во моментов додека зборам ми се смее, со мобилен телефон ја снима претседателката на комисијата за политички систем на 15 сантиметри од нејзиното деколте, јас се прашувам што ќе ѝ прави на таа снимка тој“, налутено кажа Ковачевски за тоа што го преживеа ноќеска претседателката на Комисијата за политички систем Снежана Калевска-Ванчева од СДСМ.
На седницата доцна синоќа, Комисијата ги разгледуваше измените на Законот за работни односи со кои им се овозможува на судиите и обвинителите продолжување на мандатот до избор на нови без оглед на тоа што исполнуваат услови за пензионирање, а тензичната атмосфера ескалираше кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ѝ го исклучат микрофонот на Калевска-Ванчева за да не ја заврши седницата, при што ѝ ги грабаа и кинеа листовите кои таа ги држеше в раце.
Прашањето на Николовски беше дали смета дека треба да се тргне Ковачевски од премиер и да се распишат нови избори, а тој му кажа дека оваа не е изборна година и вонредни избори нема да има.
С. К. ДЕЛЕВСКА