ШУТКА ЌЕ ДОБИЕ ГИНЕКОЛОГ ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА

    ШУТКА ЌЕ ДОБИЕ ГИНЕКОЛОГ ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛАВо амбулантата во Шуто Оризари ќе работи д-р Вјолце Мбиара, специјалист гинеколог со долгогодишно работно искуство, која меѓу другото, има работено во американска болница во Албанија. (Фото: Министерство за здравство)

    Во амбулантата во скопската општина Шуто Оризари од следната недела ќе работи гинеколог. Ова денес го најави Министерството за здравство, од каде што соопштија дека во оваа амбуланта, која што со години е без гинеколог, од следната недела ќе почне да работи д-р Вјолце Мбиара, специјалист гинеколог.
    „Д-р Вјолце Мбиара има десетгодишно работно искуство како гинеколог. Работела во американска болница во Албанија. Со ова ќе се обезбеди постојана гинеколошка здравствена заштита на жените од Шуто Оризари“, соопшти Министерството за здравство.

    Од Министерството за здравство не кажаа како ќе работи гинекологот во амбулантата во Шуто Оризари, односно дали ќе биде матичен гинеколог и ќе има договор со Фондот за здравствено осигурување како и останатите матични гинеколози, ниту пак дали ќе работи секој ден и во кој временски период. Од таму велат дека за деталите подоцна ќе информираат.

    Жените од Шуто Оризари со години бараа Министерството за здравство и фондот за здравство да обезбедат матичен гинеколог во нивната општина, бидејќи 8.000 жени во репродуктивен период беа оставени без основната здравствена заштита. Тие преку герила акции години наназад алармираа за проблемот. Огласите на Министерството за здравство за пополнување на испразнетото место за матичен гинеколог во Шуто Оризари беа неуспешни, оти никој не се јавуваше на нив.

    Во меѓувреме, Министерството одлучи да ангажира гинеколог од Гинекологија Чаир да доаѓа неколку пати неделно во амбулантата во Шуто Оризари. Но според жените од оваа скопска општина тоа не беше соодветно решение, оти постојанио се менуваше лекарот од Гинекологија Чаир кој доаѓаше во амбулантата, а бидејќи не е матичен гинеколог не можеше да им препише соодветна терапија или да им даде упат за понатамошни испитувања.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира