Шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Сулстром, од 4 до 9 мај ќе патува низ државава посетувајќи ги сите поголеми градови. Од Шведската амбасада велат дека целта на иницијатиавата „Амбасада на турнеја“ е да ги истакне и одбележи бројните силни, како долгогодишни така и нови врски и партнерства помеѓу двете земји. Посебен фокус ќе биде ставен на придонесот на шведските компании, резултатите од шведската реформска соработка, како и на долгогодишните културни врски.
Турнејата почнува на 4 мај во Скопје, каде амбасадорот ќе ја посети улицата Стокхолмска, именувана во знак на благодарност за поддршката на Шведска по земјотресот во 1963, како и Домот за стари лица „Мајка Тереза“, изграден со шведска помош. Амбасадорот ќе ги посети и Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Велес, Штип, Струмица и Куманово, по што ќе заврши во Скопје на Денот на Европа, 9 Мај.
Во текот на оваа недела, амбасадорот и неговиот тим ќе ги истражуваат локалните знаменитости и вкусови за подобро да ја запознае земјата, а воедно ќе остваруваат средби со локалните власти и партнери, шведски компании, граѓански организации и организации на локалните заедници, дијаспората и претприемачите.
Културните и локалните активности вклучуваат велосипедска тура по рутата Транс Динарика во близина на Охридското Езеро, настан со средношколци посветен на заштита на езерото, креативноста и одржливоста во Струга, како и дегустација на регионални специјалитети како што се тавче-гравче, баклава и пастрмајлија, меѓу другите.



