Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова денеска во полскиот град Ошвјенќим откако потсети и на трагичната судбина на македонските Евреи кои завршиле во логорот Треблинка, повика да се воспостави традиција на организирани посети на логорот.
„Македонските Евреи се дел од нашиот идентитет и треба да воспоставиме традиција на посета на Треблинка за да им оддадеме почит, за почитта да стане дел од нешто што ќе го практикуваме и ќе потсетуваме велејќи дека не само што не веруваме дека такво нешто ќе се случи, туку ќе покажеме дека додека сме живи и оние по нас никогаш, никој не смее да дозволи такво нешто да се случи“, кажа Сиљановска-Давкова.
Таа присуствуваше на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на Ошвјенќим, близу Краков.
На 11 март 1943 , бугарската фашистичка окупаторска војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип… и ги транспортираат во привремениот логор, кој служел како транзитен логор, во Тутунскиот комбинат во Скопје – Монопол. Оттаму 7.144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време, во три одделни транспорти со сточни вагони 22-ти, 25-ти и 29-ти март 1943, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за Еврејските прашања и со логистика на бугарската железница, се депортирани и предадени на нацистите во центарот за убивање Треблинка. Никој од депортираните Евреи не се врати жив.
„Не смее да има дете, млад човек, возрасен што не знае за холокаустот. Не смее да има, бидејќи меморијата понекогаш, ако не се негува или ако не се храни може и да ја снема, или може да се извитопери во нешто друго. Сè почнува со проблематизирање, најпрво на бројките, па на процесите и настаните и на крајот некој можеби ќе помисли дека може да се избрише злото. Не, ниту едно зло не треба да се избрише, ниту едно зло не смее да се заборави“, кажа претседателката.
Комеморацијата во Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“ почна со поздравни обраќања и сведоштва на преживеаните, а во рамки на комеморативниот настан се обратија претседателот на Светскиот еврејски конгрес, Роналд Лаудер и директорот на Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“, Пјотер Цивински.
Германските нацисти во Аушвиц убиле околу 1,1 милион луѓе главно Евреи, но и Полјаци, Роми, советски воени затвореници и луѓе од други националности. Во 1945 година војниците на Црвената армија на Советскиот сојуз, од Аушвиц ослободиле околу седум и пол илјади преживеани лица.
Комеморација за Аушвиц се одржа и во Скопје каде што директорот на Музејот на холокаустот Горан Садикарио побара да се спротивставиме на обидите за бришење на доказите за холокаустот на македонските Евреи преку историски ревизионизам, рехабилитација и глорификација на злосторниците.
„Холокаустот на македонските Евреи и на Евреите од тогашните окупирани делови на Грција и Србија од бугарска страна е дел од светската историја на холокаустот и не смее да биде третиран како прашање за кое може да се преговара“, рече Садикарио.