СИНДИКАТОТ Е ПРОТИВ ПРИВАТИЗАЦИЈА НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, МИНИСТЕРСТВО ВЕЛИ НЕМА ДА ЗАТВОРАМЕ КЛИНИКИ

    СИНДИКАТОТ Е ПРОТИВ ПРИВАТИЗАЦИЈА НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, МИНИСТЕРСТВО ВЕЛИ НЕМА ДА ЗАТВОРАМЕ КЛИНИКИНезависниот синдикат на вработените во Клиничкиот центар бара Универзитетските клиники да бидат надвор од реформите на јавно-приватно партнерство, а Министерството за здравство вели дека физибилити студиите ќе бидат изработени по изборите и од нив ќе се види дали овој концепт е оправдан (Фото: СДК.МК)

    Синдикатот на вработениете во Универзитетските клиники соопшти дека за нив не е прифатлив концептот за јавно-приватно партнерство во јавните здравствени установи кои се во состав на Клинички центар, вклучувајќи ги и службите за стерилизацијата.

    „На став сме дека Клинички центар, како установа од посебен интерес за државата, треба да се изземе од планирањето при вакви и слични реформи во јавното здравство“, се вели во соопштението од Синдикатот.

    Владата лани донесе одлука со која го задолжи Министерството за здравство да изработи физибилити студии за можноста за јавно-приватно партнерство во Итната медицинска помош, Институтот за позитроно-емисиона томографија, Градската општа болница „8 Септември“, и за здравствени услуги за интегрирано менаџирање и иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции.

    Годинава на предлог на Министерството за здравство, Владата донесе одлука да почне постапка за јавно-приватно партнерство на системот за стерилизација во хирургијата, за што министерството распиша и оглас, а беше најавена и физибилити студија за јавно-приватно партнерство за ин-витро фертилизација.

    Министерот за здравство Венко Филипче повеќе пати изјави дека физибилити студиите кои се во изработка треба да покажат дали е можен влез на приватен партнер, и дали може да се искорстат постоечките капацитети на приватните болници за да можат граѓаните да добијат здравствена услуга и таму, без притоа да плаќаат дополнителни средства.

    „Јавните здравствени установи ќе мора да ги ‘засукаат ракавите’, да бидат конкурентни со приватните болници и да направат исти услуги како во приватните. Фондот за здравствено осигурување се нарекува фонд зашто сите полниме во него, за да ни се најде кога ни треба. Ќе дојдеме до систем каде што граѓанинот, кој го полни Фондот, кога ќе се разболи да може да избере дали ќе дојде во општа болница во Куманово или ќе оди во приватна болница, а услугите ќе треба да ги покрие Фондот, без тој да плаќа од свој џеб. Сметам дека ќе опстои онаа здравствена установа што нуди квалитетни здравствени услуги, а сè што не може да опстои од јавното здравство ќе се затвори, болница, клиника, амбуланта, ако таму не се нуди квалитетна здравствена услуга“, рече премиерот Зоран Заев пред неколку дена на јавната трибина во Куманово.

    Синдикатот во своето соопштение вели дека не прифаќа каков било натпревар или споредба на Универзитетска клиника со приватна здравствена установа.

    „Несфатлива е и помислата дека Универзитетска клиника може да се затвори на сметка на приватна здравствена установа. Секој кој ќе доведе до затварање на Универзитетска клиника на сметка на приватна здравствена установа треба да е свесен дека неповратно го започнува процесот на уништување на јавното здравство, со сите несакани последици по пациентите и граѓаните. Ваквите реформи во јавното здравство се спротивни на претходно ветените заложби на Владата за зајакнување на јавното здравство. И на Синдикатот на клинички центар и на јавноста добро им е познато значењето и улогата на јавното-приватно партнерство и правата на вработените во таквите ‘јавно’- приватни партнерстава. Истото се однесува и за правата на пациентите во таквите ‘јавно’ приватни болници, каде главниот интерес на новите ‘јавно’ приватни газди е исклучиво и единствено профитот“, се вели во реакцијата од Синдикатот на вработените во универзитетските клиники.

    Министерството за здравство вели дека не станува збор за затворање на Универзитетски клиники, туку за унапредување на условите за работа и дека тоа е во интерес и на лекарискиот кадар и на пациентите. Од Министерството велат дека Синдикатот и натаму останува нивен партнер и дека за сите промени ќе бидат консултирани и здравствените работници.

    „Сè што правиме е во насока на зајакнување на јавното здравство и негово издигнување на повисок степен. Концептот на јавно-приватно партнерство сè уште е во фаза на разгледување, по што ќе следи изработка на физибилити студија за целиот проект, која или ќе ја оправда или нема да утврди потреба од вакво партнерство. Физибилити студиите ќе бидат изработени веднаш по завршување на изборниот процес, согласно законските процедури. Пациентот треба да има избор каде ќе се лекува и според неговите потреби ќе има можност да избере што е најдобро за него. Нема да правиме отстапки на нашиот пат за да го овозможиме најдоброто за здравствените осигуреници“, велат од Министерство за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира