СИНОТ ЃОКО, СУДИЈАТА, ГО КОРИСТИ ОВОЈ ПРОСТОР, ИМ ВЕЛИ ТАТКО МУ НА ИСТРАЖИТЕЛИТЕ ПРИ ОТКРИВАЊЕТО 350.000 ЕВРА СОКРИЕНИ ВО ЅИД, ПОКАЖА СНИМКАТА НА СУДЕЊЕТО НА РИСТОВ

    СИНОТ ЃОКО, СУДИЈАТА, ГО КОРИСТИ ОВОЈ ПРОСТОР, ИМ ВЕЛИ ТАТКО МУ НА ИСТРАЖИТЕЛИТЕ ПРИ ОТКРИВАЊЕТО 350.000 ЕВРА СОКРИЕНИ ВО ЅИД, ПОКАЖА СНИМКАТА НА СУДЕЊЕТО НА РИСТОВОбвинителката Искра Хаџи Василева ја почна доказната постапка против апелациониот судија Ѓоко Ристов, при што беа пуштени и снимки од претресот во семејната куќа во Неготино. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката за гонење организиран криминал Искра Хаџи Василева ја почна доказната постапка против апелациониот судија Ѓоко Ристов, кому таа со истражителски тим по неколку претреси во семејната куќа во Неготино на вториот кат во кујната му најде непријавени, заѕидани 350.000 евра во шуплина зад кујнските плочки. Го обвини за прикривање и за перење пари. Обвинителката презентираше прво податоци од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за имотната состојба на Ѓоко Ристов и сопругата Симона Зориќ-Ристова, вработена во Државното правобранителство на Македонија.

    Во судницата во Основниот Кривичен суд, односно пред судијката Билјана Коцевска, обвинителката Хаџи Василева прво прикажа два поднесени имотни листа од 2008 додека бил судија во Кривичниот суд, во кој обвинетиот Ристов приложил единствено имот на тогашна сопруга Ангелина Ристова, и тоа 200 акции во фирма и над 800.000 денари на сопруга.

    Ристов поднел уште еден имотен лист во јануари 2021, кога станал апелационен судија, во кој го навел својот и имотот на втората сопруга Симона: станот на булевар „Јане Сандански“ во Скопје и возило „пасат“, а за сопругата „опел астра“ и два кредита од вкупно три милиони денари.

    Сопругата Симона Зориќ-Ристова, државна правобранителка, во својот имотен лист го пријавила станот на сопругот на „Јане Сандански“ возилата и кредити. Поднела Изјава на интереси, дека е членка на Управниот одбор (УО) на хорот „Менада“, како и дека мајка ѝ Весна Зориќ е член на УО на Клиничкиот центар во Тетово. Но, таа навела и дека зела кредит од над 2,5 милиони денари од „Охридска банка“, кредит за стан во Охрид што го купила од фирмата „Алма комерц“ на Љупчо Пецов-Ѓаволот, за кого пред апсењето обвинетиот Ѓоко Ристов одлучуваше како апелационен судија за неговиот притвор, а го судел и претходно како основен судија. Станот потоа го стекнал татко ѝ на Зориќ-Ристова, Ивица Зориќ, кој го презел и кредитот во кој кокредитобартели се и сопружниците Симона и Ѓоко.

    Управителот на „Алма комерц“ Љупчо Пецов е заложник, кој им потпишал да го дадат станот под хипотека, а за истото тоа донел и полномошно со кое го овластува Ристов да го застапува друштвото секаде кај ќе има потреба овој имот да биде гаранција за земениот кредит од таткото Ивица Зориќ. Ристов се јавува како полномошник на Алма Комерц, а Симона како полномошник на Ивица Зориќ.

    Обвинетиот судија Ристов пријавил плата од 62.000 денари, сопругата над 62.000 денари, како државна правобранителка.

    Следуваа докази обезбедени на 17 и 18 јануари 2026, кога зад ѕидот беа најдени 13 пакувања со вкупно 610 банкноти, сите во апоени од по 500 и 200 евра. Одземени се два листа од тефтер со натпис Здружение на судии, на кои има текст со ракопис, со пенкало. На судењето се пушти снимка од претресот.

    На 17 јануари, во гаражата е пронајдена најлонска вреќа со глет-маса за која го прашале таткото Здравко Ристов, а тој им кажал дека се старини оти немале градежни активности во домот. На забелешка дека отворената вреќа е со нов датум, тој одговорил дека можеби неговиот син Ѓоко од Скопје ја донел и ја оставил тука. Истражителите копале во гаржата, не нашле ништо. Утредента, на вториот претрес, ги нашле парите во кујната.

    „Во кујнскиот простор се забележани аномалии во градежните активности. Разлика и во лепакот на плочките. На оваа снимка ќе видите како кршат истражителите и како се појавува дупката со завиткани работи со фолии. На прашање дали се ова опасни материи и кој ги ставил тука, таткото Здравко одговара дека тоа не се опасни материи. На пршање кој ги ставил тука, тој вели можеби синот. Кој син? – Синот Ѓоко, судијата. Синот Ѓоко од Скопје го користи овој простор”, цитираше обвинителката што одговорил таткото на обвинетиот Ристов кој бил присутен на претресот.

    Обвинителката ги изведе како доказ и рачно напишаните ливчиња со множење на количината на банкнотите со нивната вредност, со пресметан резултат, сума, за секое најдена ролничка пари завиткана во алуминиумска фолија, за да се заштитат од глувци.

    Требаше да се продолжи со изведување докази од вештачењето на биолошки траги на кесињата, ливчињата со ракопис. Но, Ристов и адвокатите се побунија, побараа да дојде вештакот лично да зборува за своите наоди.

    Вон следниот пакет докази, обвинителката пррезентираше дека во 2017 обвинетиот одлучувал по жалба поднесена од осудениот Љупчо Пецов која ја уважува и го преиначува решението во полза на Пецов, а и како апелациски судија кога одлучувал за Љупчо Пецов како обвинет во постапките.

    „Доставени беа 4 одлуки, три од понов датум, а другите од 2021 година, уважувајќи условен отпуст за него”, рече обвинителката.

    Се презентираа и снимки од средби на осудениот поранешен државен правобранител Фехми Стафа со судијата Ѓоко Ристов, во просториите на Скопска апелација и во канцелријата на судијата. Ристов го пречекуваше, му отвораше врата.

    Стафа како адвокат го застапуваше Пецов кај судијата Ристов. Сестрата на обвинетиот Љупчо Пецов-Ѓаволот го пријави Стафа за примање поткуп, пари за кои тој тврдел дека му ги дава на судијата Ристов да одлучи во корист на нејзиниот брат.

    Стафа призна вина, беше осуден и така тргна истрагата против апелациониот судија Ристов.

    Во продолжение беа презентирани снимки од безбедносни камери, од средби меѓу Стафа и Ристов пред зградата на судијата и пред лифтот каде му помага да качи кеси со новогодишни украси.

    Продолжува доказната постапка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира