СИТЕ 59 ЖРТВИ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА ПОЧИНАЛЕ ОД ЗАДУШУВАЊЕ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА СУДСКА МЕДИЦИНА

    СИТЕ 59 ЖРТВИ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА ПОЧИНАЛЕ ОД ЗАДУШУВАЊЕ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРОТ НА СУДСКА МЕДИЦИНАДеканот на Медицинскиот факултет, проф.д-р Светозар Антовиќ и директорот на Институтот за судска медицина, проф. д-р Александар Станков на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Кај сите 59 настрадани, причината за смртта е насилна, и е настаната заради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, рече денеска директорот на Институтот за судска медицина, прод. д-р Александар Станков.

    Во пожарот на 16 март загинаа 59 лица, од кои 16 женски и 43 машки. Меѓу нив има шест малолетници.

    „Кај дел од нив се пронајдени и изгореници од прв и втор степен, кај тројца имаше изгореници од четврт степен меѓутоа причината за смрт е задушување. Скршеници на ребра и она што се вика задушување заради притисок поради стампедо има кај 4 лица. Во текот на март очекуваме да бидат завршени сите извештаи за обдукции и можеби ќе ни треба повеќе време да се изработат токсиколошките анализи“, кажа проф. д-р Станков, додавајќи дека јаглерод моноксидот е многу опасен гас, без мирис и вкус и смртта може да настапи за неколку минути.

    Директорот кажа дека на денот на несреќата, во рок од 1 час сите вработени на Институтот биле на работа, се направил организационен план за работа и примарно било решено сите починати да бидат донесени во Погребалното претпријатие „Бутел“ и етапно да се носат по 15 тела.  Обдукцијата завршила во претпладневните часови на 18 март. Жрвите беа погребани на 20 март.

    „Облеката и предметите на починатите се на Институтот оти се во надлежност на Јавното обвинителство, кое одлучува за нив бидејќи може да бидат земени како докази во судска постапка“, кажа директорот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира