Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји утринава потврди дека сите бугарски барања се внесени во преговарачката рамка за Македонија, пред денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел.
„ЕУ ги сфаќа сите бугарски грижи многу сериозно и тие сега се дел од преговарачкиот процес. Моментот за одговорни одлуки е сега. Западен Балкан треба да биде дел од нашата Европска унија. Заедно ќе бидеме посилни“, твитна Вархеји.
Од Брисел се јави и албанскиот премиер Еди Рама, кој објави селфи со македонскиот колега Димитар Ковачевски.
„Сè уште го чекаме Годо? Не, навикнати сме на ваква шарада и сме повеќе од кога било посветени нашите земји да напредуваат и да го модернизираме регионот со непоколеблив европски дух“, објави Рама.
Денеска и утре во Брисел се одржува и состанокот на лидерите на земјите членки на ЕУ, на кој што треба, меѓу другото, да се одлучи и за евентуален почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и Албанија.
Францускиот предлог за преговарачката рамка денеска повторно е на дневен ред во бугарскиот парламент.