СИТЕ КОИ БИЛЕ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ НА 16 МАРТ, ВО СЛЕДНИТЕ 4 ДЕНА ДА ДОЈДАТ НА ЕВАЛУАЦИЈА ВО КОЧАНСКАТА БОЛНИЦА, АПЕЛИРААТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИ

    СИТЕ КОИ БИЛЕ ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“ НА 16 МАРТ, ВО СЛЕДНИТЕ 4 ДЕНА ДА ДОЈДАТ НА ЕВАЛУАЦИЈА ВО КОЧАНСКАТА БОЛНИЦА, АПЕЛИРААТ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ВЛАСТИЧетириесет и пет здравствени работници, од кои 10 од Кочанската болница поминале обука за физикална терапија со британски експерти. (Фото: СДК.МК)

    Сите кои биле повредени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, и кои биле на лекување во во странство, во македонските болници и на домашно лекување, од утре во следните 4 дена треба да се јават за здравствена евалуација во Општата болница во Кочани, рече денеска заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.

    „Во следните 4 дена , тим од специјалисти од КАРИЛ, Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, Клиниката за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски’ и од Клиниките за пластична хирургија и токсикологија ќе вршат еваулација на пациентите. Апелираме до сите да дојдат. И тие што не биле повредени и не биле хоспитализирани, сите да дојдат во Општата болница во Кочани“, рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.

    Во пожарот на 16 март загинаа 62 лица од кои 6 малолетници, а 193 беа повредени од кои 25 деца. Во моментов 11 пациенти се лекуваат во странство, во Македонија седум, од кои двајца се во приватна болница. Клековски рече дека во критична состојба е само една пациентка, која по третманот на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград се вратила во Македонија и на барање на семејството е префрлена во приватна болница, каде лекувањето ѝ е бесплатно.

    На денешниот брифинг во Министерството за здравство, Андовски, Клековски и директорката на Клиниката за пластична хирургија, д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, уверуваа дека сѐ е преземено од здравствените власти за третман и лекување, дека пациентите не се оставени сами на себе, не се заборавени, ниту има пропусти во лекувањето. Рекоа дека сите пациенти имаат броеви од сите доктори и дека сите буквално им се 24/7 на располагање.

    Утринава до медиумите стигна писмо на повредени во пожарот кои биле веднаш испратени на домашна нега, во кое регираат дека се заборавени од системот и дека морале на приватно да си купуваат „колаген“ , ортопедски помагала или пак да прават снимки во приватни болници.

    „Сите ние кои бевме во несреќата и сме повредени, а не бевме хоспитализирани сме оставени непроцесирани во системот. Јас сум со скинати лигаменти, по несреќата, сите знаете како беше ситуацијата – болниците беа преполни, и сите ние кои немаше потреба да сме хоспитализирани, бевме во домашни услови. Немав проблем да сум на домашна нега, ама моето лекување испадна дека трае подолго од очекуваното, и мојата повреда е посериозна од што мислев. Од несреќата во ‘Пулс’, еве два месеца подоцна, јас уште не сум физички способен да одам на работа, и уште сум на лекување. Редовно одам на физикална, и одам во Скопје да примам терапии, кои тука не се достапни“, пишува повредениот Томислав, кој не го кажа презимето, во писмото испратено преку граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“.

    Тој вели дека купува лекарства колагени за 3.600ден, една инјекција за 8.000 ден, витамински терапии за 4.000 ден, ортопедски помагала за 3.500 ден. Тој е во комуникација со повеќе луѓе кои се во иста ситуација како него.

    „Има деца кои се со набиени ребра, има деца кои се со скршеници на раце, нозе. Сите трошоци си ги покриваме ние самите, а од ден во ден се зголемуват и воопшто не се малку. Не е само поради мене, ама се замисливме колкава е бројката на луѓе кои се вака запоставени од државата. Нема ли да ни ги рефундират барем средствата? Лекарствата кои ние ги примаме и количините кои ги примаме се скапи. Магнетна резонанца правев во приватна клиника поради итноста на ситуацијата, лековите кои ми ги препишаа ги купувам на приватно и не подлежат на рефундација од Фондот за здравство. Третманите е пожелно да продолжат со бањи со минерална вода и соодветен третман, кој ќе донесе доста високи дополнителни трошоци“, се вели во писмото..

    Клековски рече дека до нив нема таква информација, можеби е и некој пропуст и токму затоа си повикуваат сите да дојдат на евалуација од утре.

    Директорката на Клиниката за пластична хирургија рече дека во Кочанската болница има список и сите се повикуваат, но и да не ги повикаат, сите треба да дојдат.

    За недостигот на кадар и опрема, Андовски рече еднаш неделно оди тим на специјалисти во Болницата и дека Министерството дека во секое време ѝ стои на располагање на Болницата за се што треба да се испрати.

    Четириесет и пет здравствени работници, од кои 10 од Кочанската болница поминале обука за физикална терапија со британски експерти. Британците препорачале физикалната терапија да се одвива во Кочани, и во моментов 40 пациенти се на физикална.

    Болницата во Кочани на почетокот на месецов доби хипербарна комора, која е добиена како донација со помош на иницијативата „Супорт Кочани“. Со терапијата во неа ќе се овозможи брза и успешна ревитализација на кожата со изгореници, како и интоксикација на организмот по вдишувањето на чадот во дискотеката.

    „Хипербаричната кислородна терапија преку концентрираниот кислород под зголемен притисок, во хипербарната капсула, овозможува кислородот преку кожата да навлегува во ткивото, а од друга страна преку зголемениот притисок во кој се самите пациенти, овозможува чистиот кислород да навлегува поинтензивно во крвта и на тој начин комплетно да ја менува концентрацијата на кислород во телото. Еден час во хипербарична комора заменува 7-10 дена престој на планина на височина од 1.500 до 2.000 метри“, рече тогаш директороката на Болницата, д-р Кристина Серафимова.

    На новинарско прашање зошто сѐ уште не се користи Комората, Клековски рече дека станува збор за машина која не е наменета за сите повредени, и дека треба да следи процес и обука за здравствените работници, бидејќи, ако не се користи правилно, може да направи голема штета.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира