СИТЕ ЛАБОРАТОРИИ ИМААТ ДОВОЛНО РЕАГЕНСИ, ЦЕНТРАЛНАТА НАБАВКА ОД 35 МИЛИОНИ ЕВРА ДОЦНИ ПОРАДИ ИЗБОРИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ

    СИТЕ ЛАБОРАТОРИИ ИМААТ ДОВОЛНО РЕАГЕНСИ, ЦЕНТРАЛНАТА НАБАВКА ОД 35 МИЛИОНИ ЕВРА ДОЦНИ ПОРАДИ ИЗБОРИТЕ, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ„Нашата анализа покажа дека се трошат огромни количини на реагенси, непотребно во огромен број на лаборатории“ - министерот за здравство Венко Филипче (Фото: Ѓ.Личовски)

    Изборите ја пролонгирале централната набавка од 35 милиони евра за реагенси за лабораториите во земјава: Тендерот еднаш беше поништен, а министерот за здравство Венко Филипче најави нов уште лани. Тој вели дека во сите здравствени установи има доволно реагенси за работа на лабораториите, и дека огласот за централна набавка е во подготовка.

    „Во сите институции има доволно реагенси и сите институции беа задолжени да ги обезбедат реагенсите за непречено да функционираат лабораториите. Правиме подготовки за централната набавка на реагенси за лабораториите, но нѐ успоруваат изборите и тоа што не можеме да спроведеме одредени постапки. Целта е повторно со централизација на набавките значајно да ги намалиме трошоците, односно значајно да го рационализираме системот. Непотребните трошоци ќе ги нема, ќе воведеме електронски систем за контрола на реагенсите кои се трошат. Нашата анализа покажа дека се трошат огромни количини на реагенси, непотребно во огромен број лаборатории. И покрај тоа што апаратите може да продуцираат неколку илјади анализи на час, реално во пракса нема ни неколку стотици на ден и во таа смисла ќе биде развојот на лаборатории во државата“, рече Филипче.

    На прашањето дали на распишувањето оглас влијае тоа што Основното јавно обвинителство отвори истрага за претходно поништената јавна набавка, Филипче рече дека луѓето од обвинителството си ја работат својата работа.

    „Беа во Министерството, ги собраа сите документи кои што ги бараа, имавме и разговори со нив. Се прават подготовки и тоа е систем кој што е имплементиран во секоја современа и развиена земја. Не постои друг систем на контрола на рационално трошење на реагенсите, на заштеда, бидејќи трошоците се огромни“, рече Филипче.

    Лани во ноември министерот најави нов тендер од 35 милиони евра за групна тригодишна набавка на реагенси за лабораториите. За разлика од претходната постапка, која беше поништена и со која набавката не беше делива, тој тогаш рече дека тендерот ќе биде поделен на седум лота, од кои едниот е за компјутерски систем за следење на потрошувачаката и резервите на реагенси што ги има во здравствените установи.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира