Четири лица од Струмица, сопатници од комбето на првата заболена од коронавирус, кои вчера попладне беа тестирани се негативни на вирусот, соопшти Министерството за здравство синоќа пред полноќ. Претпладнето беа тестирани и други 8 сопатници од Скопје на истата пациентка и нивните резултати беа негативни на коронавирусот.
„Сите сопатници од комбето на првозаболената кои во изминатите две недели беа во домашна изолација се негативни на вирусот“, велат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека вчера на коронавирус беа тестирани уште 7 лица со индикации и нивните тестови се негативни,
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 9 пациенти, од кои 8 се позитивни на вирусот, а по вториот контролен тест, првозаболената е негативна на вирусот, што значи дека таа не е повеќе инфективна, но останува на болничко лекување до нејзиното целосно закрепнување.