СЈО АНАЛИЗИРА НОВИ 95.000 АУДИО ФАЈЛОВИ НАЈДЕНИ КАЈ ЧАУШ И УШТЕ ЕДНО ЛИЦЕ

    СЈО АНАЛИЗИРА НОВИ 95.000 АУДИО ФАЈЛОВИ НАЈДЕНИ КАЈ ЧАУШ И УШТЕ ЕДНО ЛИЦЕДосега во СЈО преслушале 70% од вкупниот број на аудио фајлови со кои што располага ова обвинителство. - Специјалната обвинителка Катица Јанева на прес-конференција (архивска фотографија)

    Специјалното јавно обвинителство анализира повеќе од 80.000 аудио фајлови од незаконско следење на комуникациите, преземени од предметот на Основното јавно обвинителство Скопје против Захир Бекири Чауш и Имер Бекири, како и над 15.000 аудио фајлови одземени од уште едно лице, се вели во најновиот шестмесечен извештај на СЈО, објавен денеска.

    „Ова Јавно обвинителство исто така е во процес на анализирање на форензичките копии од предметот против Захир Бекири викан Чауш и Имер Бекири доставен од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, при што утврдени се повеќе од 80 000 аудио фајлови за кои веќе се анализира колкав е бројот на телефонски разговори кои се предмет на незаконското следење на комуникациите. Воедно, од одземените предмети при извршениот претрес кај едно лице во рамки на една предистражна постапка во извештајниот период при анализа на форензичките копии утврдени се повеќе од 15 000 аудио фајлови“, наведено е во извештајот.

    Захир Бекири Чауш и Имер Бекири беа уапсени на 24 март 2016 година, а една недела подоцна ОЈО поднесе обвинителен предлог против двајцата за повеќе кривични дела, меѓу кои и за фалсификување на исправа и злоупотреба на лични податоци. Кога е предаден предметот на СЈО не е познато. Другото лице, кај кое се најдени 15.000 фајлови не е идентификувано, бидејќи се работи за предистражна постапка.

    СЈО вели дека поседува вкупно 606.555 аудио фајлови и заклучно со датумот на поднесување на извештајот ја анализирале содржината на 424.589 аудио фајлови, односно во обработка се 70% од вкупниот број на аудио фајлови со кои што располага ова обвинителство. Изработени се 1.039 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори има индикација дека е сторено кривично дело.
    „Од вкупниот број на анализирани разговори 424.589, издвоени се 152.680 аудио фајлови за кои се утврди дека станува збор за приватни разговори“, велат од СЈО во извештајот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира