СЈО АНАЛИЗИРАЛО 476.249 СМС ПОРАКИ ОД ВКУПНО 834.374, ВЕЛИ НАЈНОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    СЈО АНАЛИЗИРАЛО 476.249 СМС ПОРАКИ ОД ВКУПНО 834.374, ВЕЛИ НАЈНОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТООд СЈО велат дека работат на 129 предмети, од кои 103 се активни предистражни постапки формирани по сопствена иницијатива. - Специјалната обвинителка Катица Јанева (Фото: СДК.МК)

    Специјалното јавно обвинителство денеска го објави редовниот шестмесечен извештај за својата работа и во него се вели дека во извештајниот период акцент бил ставен на анализата и обработката на вкупно 834.374 смс пораки кои беа доставени до ова обвинителство. Од нив, анализирани се 56%, односно 476 249 смс пораки од кои се издвоени 432 254 смс пораки за кои се утврди дека станува збор за приватни смс пораки.

    Одреден дел од смс пораките со кои располага СЈО, а претставуваат предмет на незаконското следење на комуникациите веќе претставуваат дел од листата на докази во обвиненијата кои се поднесени и одобрени од страна на Основниот суд Скопје 1.

    Што се однесува до разговорите, од 606.555 аудио фајлови со кои располага СЈО, заклучно со поднесувањето на извештајот, предмет на анализа била содржината на 582.293 аудио фајлови, односно во обработка се 96% од вкупниот број на аудио фајлови.

    Како што е наведено во извештајот, во временскиот период од 15 септември 2018 до 15 март 2019 анализирани се форензичките копии на вкупно 124.058 аудио фајлови од предметот против Захир Бекири викан Чауш и Имер Бекири, доставен од страна на Основното јавно обвинителство Скопје со цел утврдување на бројот на разговори кои се предмет на незаконското следење на комуникациите.

    Од вкупниот број на аудио фајлови до моментот на поднесување на извештајот, велат од СЈО, констатирани се 76.797 разговори од кои обработени и анализирани се 68.956 разговори, а од кои издвоени се 65.489 разговори за кои се утврди дека претставуваат приватни разговори.

    Во извештајот е наведено и дека во рамки на извештајниот период била извршена анализа и обработка на доставениот хард диск за кој било утврдено дека потекнува од канцеларијата во УБК која ја користел Звонко Костовски, а кој беше доставен заедно со другите списи и докази при доставување на предмет од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје. Од вкупно 31.495 разговори пронајдени на наведениот хард диск, анализирани биле 90% односно 28.345 разговори од кои издвоени се 15.531 разговори за кои се утврдило дека станува збор за приватни разговори. Од наведениот хард диск, од вкупно 72.513 смс пораки, анализирани се вкупно 84% односно 60.910 смс пораки, од кои се издвоени 58.365 смс пораки за кои се утврдило дека станува збор за приватни смс пораки.

    Во текот на извештајниот период, од СЈО отвориле предистражни постапки за 81 предмет. Од нив, 14 предмети биле формирани по сопствена иницијатива, а 67 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители. Вклучувајќи ги претходно отворените 162 активни предистражни постапки во СЈО, од кои по сопствена иницијатива биле формирани 122 предмети, во извештајниот период во работа биле вкупно 243 предистражни постапки

    Од овој број на предистражни постапки, решени биле вкупно 114 предмети, од кои 81 предмет биле формирани врз основа на пријави од други подносители, а 33 предмети формирани по сопствена иницијатива биле затворени. Во работа, велат од СЈО, се вкупно 129 предмети од кои 103 се активни предистражни постапки формирани по сопствена иницијатива, од кои значителен број претставуваат финансиски предистражни постапки и 26 предмети поднесени од други подносители.

    На крај, од СЈО сметаат дека е потребно да истакнат дека со донесувањето на законските решенија со кои ова обвинителство ќе се интегрира во јавнообвинителскиот систем на Република Северна Македонија конечно ќе се надминат пречките и недоследностите во голем дел од домашното законодавство во кое СЈО не е инкорпорирано.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира