Специјалното јавно обвинителство бара притвор за координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими и за Исмет Гури, член на општинската изборна комисија за општина Чаир.
Ејуп Аљими и Исмет Гури се обвинети за кривичното дело „уништување на изборен материјал“ во случајот „Титаник 3“ на СЈО.
Освен членови на ДУИ, СЈО бара мерки претпазливост и за лидерот на ДПА Мендух Тачи и за членот на Државната изборна комисија кој доаѓа на предлог на оваа партија, Бедредин Ибраими во случајот „Титаник 2“.
СЈО за Гури побара одредување мерка притвор и во февруари минатата година. Тогаш, судија на претходна постапка го одби барањето на СЈО и му одреди мерка на претпазливост „Забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица“.
На денешната прес-конференција, специјалната обвинителка Катица Јанева кажа дека СЈО за 18 предмети поднесе 17 обвиненија против 94 физички и 7 правни лица.