СЈО ГО ПРОВЕРУВА РЕГИСТАРОТ НА СОПСТВЕНИЦИ НА АВИОНИ ВО МАКЕДОНИЈА

    СЈО ГО ПРОВЕРУВА РЕГИСТАРОТ НА СОПСТВЕНИЦИ НА АВИОНИ ВО МАКЕДОНИЈАОсвен државниот лирџет со македонска регистарска ознака Z3 се регистрирани уште неколку помали летала на приватни лица и фирми, иако во воздухополовството не е невообичаено поради одредени даночни олеснувања да се регистрираат авиони и во други држави - владиниот лирџет и Катица Јанева (фото: airliners.net и Ѓ. Личовски)

    Во Македонија има вкупно 37 регистрирани цивилни воздухоплови, објави вчера агенцијата Мета повикувајќи се на регистарот на впишани воздухоплови на Агенцијата за цивилно воздухопловство,  последен пат ревидиран на 13 март, оваа година.

    Новинската агенција Мета истражувала дали името на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски се споменува како сопственик на воздухоплов, откако тој вчера на својот фејсбук-профил објави документ испратен до Агенцијата за цивилно воздухопловство, со кој СЈО бара од Агенцијата информации дали Милошоски поседува или поседувал воздухоплов.

    Специјалното јавно обвинителство соопшти дека го проверува имотот на функционери и на фирми, но не прецизираше дали меѓу нив е и Милошоски. Од таму велат дека испратиле барања до повеќе државни институции, меѓу кои и до Агенцијата за цивилно воздухопловство, но поради тајноста на предистражната постапка не откриваат зошто предмет на интерес е и сопствеништвото на воздухоплови.

    Бидејќи во воздухопловството поради одрредени даночни и царински олеснувања, не е невообичаена практика да се регистрираат летала и во други држави, од СЈО не ја исклучуваат можноста да  истражуваат евентуална сопственост на македонски државјани на воздухоплови регистрирани со странски регистарски ознаки, но засега се воздржуваат од коментар.

    Комерцијални авиони во македонскиот регистер на воздухоплови со ознаката Z3 имаа неколкуте пропаднати македонски авиокомпании. Еден од авионите на поранешен МАТ запленет од Управата за јавни приходи со години стои паркиран покрај старата аеродромска зграда на Скопскиот аеродром.

    Нова македонска авикомпанија што врши комерцијален превоз на патници – нема. Специјализирани економски портали во јануари оваа година повикувајќи се на податоци од Централниот регистар објавија дека  бизнисменот Сергеј Самсоненко го зголемил влогот во СИС Авиатион Дооел за 11 милиони евра. Компанијата за авински превоз била регистрана во 2015 година. На име на оваа компанија нема регистрирано летало во македонскиот регистар на авиони.

    Од она што го утврдила агенцијата Мета со увид во регистарот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, меѓу регистрираните летала со македонски регистарски ознаки Z3 покрај владиниот „Лирџет“се  и два „пајпери“. Едниот  е на име на белградската фирма „Њу ејџ инвестмент“ (New Age Investment), а другиот на „Транс Интер ДОО“.

    Како сопственик на две летала – една „Цесна 172Н (CESSNA 172N) и едно летало „Моран Солние МС894А (MORANE SAULNIER MS-894-A) е запишан штипјанецот. Раде Ивановски.

    Покрај Ивановски, уште една „Цесна“ (CESSNA F172M) е регистрирана на име на Исмаил Лимани.

    Ако се пребара на „Гугл“ за Раде Ивановски може да се најде дека меѓу штипјани важи за познат пилот, кој работел за една авиокомпанија во Руанда, а претходно и за компании во Индија и во Тунис. Тој пред неколку години дошол во Македонија, меѓудругото и за да разговара со Агенцијата за цивилно воздухопловство околу потребата за формирање македонска авиокомпанија.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира