СЈО ЌЕ СЕ ИНТЕГРИРА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ПОД ВОДСТВО НА ВИЛМА РУСКОСКА, НАЈАВИ ЗАЕВ

    СЈО ЌЕ СЕ ИНТЕГРИРА ВО ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ПОД ВОДСТВО НА ВИЛМА РУСКОСКА, НАЈАВИ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев кажа дека очекува да има двотретинско мнозинство во Собранието за Законот за Јавно обвинителство, но и дека може да изгласа и по враќање на пратениците од одмор.(Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев најави дека Владата следната недела до Собранието ќе достави нов текст на Законот за Јавно обвинителство, според кој Специјалното јавно обвинителство ќе се интегрира во постојното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со новото Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција ќе раководи Вилма Рускоска, која и досега беше шефица на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

    Одлуката на Владата да го испрати текстот на законот до Собранието без постигнат консензус со опозицијата доаѓа откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одби да присуствува на лидерската средба, закажана за денеска, па откажана.

    „Идната недела до Собранието ќе предложиме текст на Закон за Јавно обвинителство. Ќе отвориме дијалог со сите партии во Собранието, каде што е местото. Текстот ги вградува оние точки за кои сме разговарале досега со опозицијата и другите пратенички групи, кои сметам дека можат да бидат прифатливи за најголем дел од пратениците. Суштинските делови на овој закон кој денеска ќе биде доставен до сите политички партии подразбираат СЈО да се интегрира во досегашното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и добива нов назив Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Ќе има самостојност која одговара во најголем дел што ја имаше СЈО досега, но во хиерархија во досегашното обвинителство.

    Со новото обвинителство ќе раководи Вилма Рускоска, а сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во новото обвинителство. Нивниот мандат е до 15 септември и имаат право на реизбор. На овој начин ќе обезбедиме досегашните ресурси на СЈО во нова форма и без никаква можност политичарите да влијаат на изборот на обвинители. Тоа ќе биде работа на Советот на Јавни обвинители, ќе нема нови проблеми за избор на нов шеф. Сите случаи на СЈО пред судовите ќе ги продолжи новото јавно обвинителство, а постојните вработени преминуваат во новоформираното обвинителство“, кажа Заев на прес-конференција во Владата.

    Тој кажа дека новото обвинителство ќе има финансиска самостојност и висината на средствата на ново обвинителство ќе се утврдува на предлог на шефот на ова обвинителство, кој ќе го достави до Јавниот обвинител и Министерството за финансии, а Владата и Собранието ќе немаат право на измени.

    Според текстот на предложениот закон, првиот човек на ова обвинителство ќе може да се разреши само со двотретинско мнозинство од членовите на Советот на јавни обвинители.

    Заев рече дека веќе не гледа веќе причина за изговори од опозицијата по оставката на специјалната обвинителка Катица Јанева. На крајот кажа дека очекува да има двотретинско мнозинство во Собранието за Законот за Јавно обвинителство, но и дека може да изгласа и по враќање на пратениците од одмор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира