СЈО ЌЕ ПРОВЕРИ ДАЛИ БУЧКОВСКИ МОЖЕ ДА БИДЕ СВЕДОК ВО „МАЏАР ТЕЛЕКОМ“ ОТИ Е ОСОМНИЧЕН ВО ДРУГА ИСТРАГА ЗА ПОТКУП

    СЈО ЌЕ ПРОВЕРИ ДАЛИ БУЧКОВСКИ МОЖЕ ДА БИДЕ СВЕДОК ВО „МАЏАР ТЕЛЕКОМ“ ОТИ Е ОСОМНИЧЕН ВО ДРУГА ИСТРАГА ЗА ПОТКУПСЈО води предистражна постапка за случај за наводно мито кое го зеле Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери, секој по 2,5 милиони евра како што тврди Слободан Богоевски. - Обвинителката Лиле Стефанова од СЈО (Фото: СДК.МК)

    На денешното рочиште за предметот „Маџар Телеком“, обвинителката Лиле Стефанова од СЈО побара дополнително да провери дали може поранешиот премиер Владо Бучковски да биде повикан за сведок на предлог на одбраната, бидејќи, како што рече, тој е во друг предмет на СЈО кој е во тесна корелација со овој на „Маџар Телеком“, и таму Бучковски не е сведок, туку има статус на осомничен.

    СЈО води предистражна постапка за случај за наводно мито кое го зеле Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери, секој по 2,5 милиони евра како што тврди Слободан Богоевски.

    Ексразузнавачот Слободан Богоевски, кој сведочеше пред судот во САД за мито од 7,5 милиони евра кое „Маџар Телеком“ го дал на македонски функционери за да се одложи воведувањето на трет мобилен оператор во Македонија пред 13 години, исто како на претходното рочиште во март пред почетокот на претседателската кампања, не дојде ни денес да, сведочи во Кривичниот суд за случајот Маѓар Телеком, кој го презеде СЈО.

    Сега Богоевски е поместен на списокот на сведоци трет по ред, после професорот Борче Давитковски и Стевица Јосифовски од Телеком, па ќе сведочи дури на 24 јуни.

    Минатиот пат судијката Ленка Давиткова прочита допис со кој Богоевски ја известува пред судењето дека бил спречен да дојде поради учество во работна група на Владата. Сега, пак, поместен е да сведочи дури во јуни, кога ќе завршат изборите.

    Таквата ненадејна обврска на Богоевски во Владата тогаш ја изненади и специјалната обвинителка Лиле Стефанова која требаше да го распрашува Богоевски во детали кому од тогашната влада на Владо Бучковски „Маџар Телеком“ му го дал митото, на кој начин и кога одела исплатата на повеќемилионскиот поткуп во евра.

    Унгарецот Атила Сендреи и членовите на тогашниот одбор на директори во „Македонски телеком“, Германецот Ролф Плат и Унгарецот Золтан Кишјакус, во случајов „Маџар Телеком“ се обвинети дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“. На тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а Буџетот на државата за 2 милиони евра, бидејќи Владата во тој период поседуваше 47% од акциите во компанијата. Во предметот беше обвинет и Гркот Михаил Кефалојанис, но обвинителот Марко Зврлевски за него ја отфрлил пријавата.

    Според обвинението, на сметка на фирмата во Кипар биле префрлани пари без одлука на одборот на директори, а налозите ги потпишувале Сендреи, Плат и Кишјакус. Првото судење се одржа на 26 октомври 2011 година. Судот распиша меѓународна потерница во 2008 година за Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус.

    Тројца ексдиректори на „Маџар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуникацискиот пазар. Ексдиректорите ги исплаќале парите како консултантски и маркетинг-услуги.

    Штрауб и Балог во април 2017 година се спогодија со окружниот суд во Њујорк и платија парични казни, а пет години им е забрането да вршат дејност во акционерските друштва. Штрауб плати 250 илјади долари, а Балог 150 илјади долари. Третобвинетиот во случајот, Тамаш Морваи, се спогоди и плати казна од 60 илјади долари за фалсификување на книгите на компанијата поврзани со поткупот.

    Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и за првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маџар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира