Специјалното јавно обвинителство (СЈО) одзеде дел од бараните податоци од Управата за безбедност и контраразузнавање, објави СЈО на својата веб страница.
„Одземени се сите наредби за Посебни истражни мерки за следење на комуникациите и книгите за евиденција како и бараните компјутерски податоци од системот за следење на комуникација. Останува да се изврши дополнително одземање на компјутерските податоци за кои е потребна асистенција од надворешен експерт и очекуваме во наредниот период да се изврши и тој дел од наредбите“, стои во соопштението од СЈО.
Во Специјалното јавно обвинителство очекуваат дека од УБК наскоро ќе ги добијат сите потребните докази од кои може да се открие дали во оваа институција имало незаконско прислушување во периодот од 2008 до 2015 година, откако двајцата администратори на системот синоќа се вратиле од службен пат и вечерва се појавиле на работа.
Во меѓувреме и во компанијата што е производител на прислушната опрема „Ериксон“ е покрената внатрешна процедура, па се очекува во Скопје да допатува и тамошен експерт со поголеми овластувања кој ќе му помогне на УБК до крај да ја испочитува судската наредба.
Тимот обвинители и истражители на Катица Јанева останува во просториите на УБК до конечно преземање на сите докази за кои беше побаран судски налог.