Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева им поднесе претставки за нестручно и несовесно работење на судијките од Основниот суд Скопје 1, Татјана Михајлова и Елена Илиевска Јосифовиќ, до Советот за утврдување факти, соопшти попладневно СЈО.
Јосифовиќ е судија на претходна постапка во случајот „Трезор“ на СЈО, во кој осомничени се ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ. Михајлова го суди експремиерот Никола Груевски по обвинителниот предлог на СЈО за насилствата во Општина Центар и нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски.
Во претставката за Јосифовиќ, СЈО вели дека „судската постапка ја водела пристрасно, со злоупотребување на положбата и пречекорување на службените овластувања“.
„Судијата Илиевска Јосифовиќ постапувала несовесно, ненавремено и немарно, што предизвикало одложување на судската постапка без постоење на законски основ“, наведено е во претставката до Советот за утврдување факти.
Во претставката за Михајлова, пак, СЈО вели дека „со целокупното постапување, судијата Михајлова сторила повреда на прописите, односно нарушување на независноста на судиите при судење, но и грубо повредување на судискиот кодекс, со што се нарушува угледот на судиската функција“.