СЈО ПРАВИ ГОЛЕМА ШТЕТА, СИТЕЛ НЕ МОЖЕ ДА НАЈДЕ ЧОВЕК ДА МЕ ЗАМЕНИ, КАЖА ЛАТАС ПРЕД АПЕЛАЦИЈА

    СЈО ПРАВИ ГОЛЕМА ШТЕТА, СИТЕЛ НЕ МОЖЕ ДА НАЈДЕ ЧОВЕК ДА МЕ ЗАМЕНИ, КАЖА ЛАТАС ПРЕД АПЕЛАЦИЈАДраган Павловиќ Латас на денешната расправа во Апелациониот суд. (Фото: СДК.МК)

    По жалбата на Ивона Талевска, во судницата во Апелациониот суд Скопје на ред дојде жалбата на обвинетиот бизнисмен и новинар Драган Павловиќ Латас, кому покрај тоа што му е одземен пасошот поради опасност од бегство, има и забрана да врши дејности во неговите четири фирми. Истовремено и СЈО поднесе жалба, со која што останува на барањето за притвор против Латас.

    Основниот суд Скопје 1 оценил дека Латас често патувал во странство, дека сторил тешко кривично дело од областа на финансиите и оти поради тоа може да избега од Македонија и да ја избегне постапката против него. Одбраната во жалбата приложила дека Латас бил многу редовен на поканите од Специјалното јавно обвинителство и оти соработувал со овој орган. Изнесе и други факти како: дека е семеен човек, има потреба од патувања во странство, дека е главен и одговорен уредник на ТВ Сител и слично.

    Обвинителот Гаврил Бубевски, пак, остана на ставот дека Основниот суд Скопје 1 згрешил во видот на мерката на претпазливост против Драган Павловиќ Латас и побара Апелациониот суд Скопје да му одреди притвор.
    „Не прифаќам дека сум заслужил јас да добијам мерка притвор, зашто сум соработувал со СЈО. Немам имот и сметки во странство, освен во Македонија. Професор сум и гостувам често и во странство. Не сум кривично осудуван. Со притвор, правите голема штета, Сител не може да најде човек што ќе ме наследи”, бараше Латас да не добие притвор, но си го побара и пасошот назад.

    „За мене е неприфатливо да бидам ставен во ист кош со 20-тина други обвинети, за кои се зборува дека извршиле проневера на милионски суми пари“, рече Латас.
    Латас во случајот „Тотал’ е обвинет за финансиски криминал и затајување на данок од 164 илјади евра преку неговите 4 фирми. Според обвинението, со лажирање на книговодствената евиденција на неговите фирми, Павловиќ како сопственик и управител, ја намалил основицата за пресмерување на данокот на добивка, го злоупотребил правото на одбивка на ДДВ и не пријавил лични приходи што им е законска обврска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира