СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НОМИНИРАШЕ ОБВИНИТЕЛ КОЈ ЌЕ ГИ СЛЕДИ ПРЕДМЕТИТЕ ЗА ОМРАЗА И ДИСКРИМИНАЦИЈА

    СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НОМИНИРАШЕ ОБВИНИТЕЛ КОЈ ЌЕ ГИ СЛЕДИ ПРЕДМЕТИТЕ ЗА ОМРАЗА И ДИСКРИМИНАЦИЈАНоминирањето на јавната обвинителка Емилија Мизо Димков е на првична иницијатива од КВИР Центар Скопје – Здружението за сексуални и родови малцинства. (Фото: СДК.МК)

    Шефот на Скопското обвинителство Гаврил Бубевски ја номинираше обвинителката Емилија Мизо Димков да го следи постапувањето во предметите за кривични дела од омраза и дискриминација, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.

    Номинацијата доаѓа врз основа на заклучоците од средбата одржана на 20 мај со претставници од невладиниот сектор.

    „Номинирањето на јавната обвинителка Емилија Мизо Димков е на првична иницијатива од КВИР Центар Скопје – Здружението за сексуални и родови малцинства во Република Северна Македонија, кое најави дека во следниот период ќе иницира формирање и на мрежа од невладини организации за потесна соработка меѓу граѓанскиот сектор и јавното обвинителство во постапувањето по предметите за кривични дела од омраза и дискриминација, за што е најавена поддршка и од Советот на Европа“, се вели во соопштението.

    Од Скопското обвинителство велат дека номинираната јавна обвинителка ќе има надлежност да го следи постапувањето во предметите и да остварува контакт со пријавителите и со невладините организации кои ги претставуваат интересите на лицата кои се јавуваат во својство на оштетени во ваквите предмети.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира