Скопското јавно обвинителство отвори предистражна постапка во врска со извештајот за злоупотребите со АКМИС-от што го достави експертската група од Министерството за правда, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески.
„Во врска со неправилностите во електронската распределба на предметите кај судии што ги воочила групата експерти при Министерството за правда, при извршените контроли во Основниот суд Скопје 1, во Врховниот и во други судови, можам да ви потврдам дека се води предистражна постапка и во оваа фаза таа е тајна“, одговори Јовески на прашањето зошто нема одговорност на судии, иако групата од Министерството за правда констатираше злоупотреби со АКМИС-от, а претходно и германскиот експерт Рајнхард Прибе и меѓународните институции побараа одговорност од претседатели и судии за криминалот во судството што се вршел подолг период.
Извештајот за АКМИС системот досега не е јавно објавен. Министерството за правда од еднастрана и специјалната обвинителка Катица Јанева од друга страна, открија и јавно кажаа за вршени злоупотреби со местење на судски предмети и нивно давање на рака на подобни судии, уште кога влегоа во ист ден во Основниот суд Скопје 1. Потоа од Министерството за правда произлегоа информации за злоупотреби при доделувањето на судските предмети и по извршената контрола во Врховниот суд.
„Исклучувањето на судиите од автоматската распределба на предметите се вршело без изготвување на писмена одлука, наредба и без образложена причина. Тоа се правело само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување во судската писарница.“, рече министерот за правда Билен Саљији пред да му го прати извештајот на Јовески.
Јанева води истрага против поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, а за потребите на таа истрага, со судски налог го претресеАКМИС-от на овој суд, уште во времето на в.д. претседателот Стојанче Рибарев. Тимот на СЈО изврши претрес и во домот на Панчевски.
Повеќе од два месеца нема информации ни за таа истрага. На новинарско прашање, новиот претседател на Кривичниот суд Иван Џолев одговори дека од декември, откако е избран на функцијата, никој од двете обвинителства не дошол да се интересира дополнително за АКМИС системот.
Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски тврди дека системот за електронска распределба на предметите чија база е во Врховниот суд, во времето на Панчевски, Татјана Михајлова , Стојанче Рибарев и Јово Вангеловски работел беспрекорно, а во тоа тој можел лично да се увери, бидејќи како претседател имал пристап во системот во секое време, преку неговиот компјутер во Судскиот совет.
С. К. ДЕЛЕВСКА