СЛЕПИТЕ И ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД СО АПЛИКАЦИЈАТА „КИКО“ ЌЕ ГИ СЛУШААТ ПИШАНИТЕ ТЕКСТОВИ

    СЛЕПИТЕ И ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД СО АПЛИКАЦИЈАТА „КИКО“ ЌЕ ГИ СЛУШААТ ПИШАНИТЕ ТЕКСТОВИАпликацијата аудиочитач ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе се изразува со природен глас. (Фото: Министерство за труд и социјална политика)

    „Кико“ е именувана апликацијата за слепите и лицата со оштетен вид во земјава, со која пишаниот текст може да го чујат во гласовна форма. Апликацијата, која беше промовирана денеска, ќе биде бесплатна, достапна во мобилна и декстоп-верзија, сега на македонски јазик, а за неколку месеци и на албански јазик. Покрај слепите и лицата со оштетен вид, апликацијата ќе може да ја користат и лица со тешкотии во учењето, односно оние кои информациите најлесно ги разбираат кога се во говорна форма.

    „За слепите лица и лицата со оштетен вид ова е голем чекор напред во нивното осамостојување и остранување на пречките со кои досега се соочуваа. Со говорната синтеза, многу се подобрува и се олеснува секојдневниот живот на слепите лица во домот, при движењето, при учењето, за вработување, да може да си ги завршуваат сите работни обврски и без никакви проблеми да можат да остваруваат свои приходи“, вели претседателот на Сојузот на здруженија на слепи лица Жарко Селковски.

    Апликацијата аудиочитач ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе се изразува со природен глас, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Таа вели дека оваа апликација е голем исчекор напред затоа што во моментов тие слушаа роботски глас, кој е несоодветен и нецелосно разбирлив.

    Постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН (УНДП) Нарине Сахакјан, на презентацијата рече дека од суштинска важност за лицата со попреченост е пристапот до образование, вработување, но и пристап до информации и комуникации.

    „Апликацијата ‘Кико’ е важен момент во повеќегодишната посветеност на УНДП во поддршка на националните чинители да ги исполнат своите заложби за спроведување на меѓународната конвеција која нагласува дека сите лица со било каков вид на попреченост мора да ги уживаат сите човекови права и слободи, но има за цел, исто така, и да го заштити нивното достоинство“, рече Сахакјан.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира