СЛОВАЧКА, ЧЕШКА И АВСТРИЈА СМЕТААТ ДЕКА ЕУ ПРЕМНОГУ Ѝ ПОПУШТАЛА НА БУГАРИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА, ЈАВИ РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА

    СЛОВАЧКА, ЧЕШКА И АВСТРИЈА СМЕТААТ ДЕКА ЕУ ПРЕМНОГУ Ѝ ПОПУШТАЛА НА БУГАРИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА, ЈАВИ РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПАЖена со чадор од ЕУ на Плоштад Македонија. (Фото: К. Попов)

    Заклучоците на ЕУ за Западен Балкан не се усвоени ниту денеска откако Словачка, Австрија и Чешка се побуниле дека ЕУ премногу ѝ попушта на Бугарија, објави Радио Слободна Европа, повикувајќи се на дипломатски извори. Овие заклучоци досега редовно се усвојуваа на министерско ниво, но на последниот состанок на 8 декември годинава тоа не се случи, бидејќи Бугарија ги блокираше.

    Германското претседателство требаше да најде прифатлива формулација за да се овозможи евентуално усвојување на заклучоците, но како што велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа, ова прашање било целосно тргнато од агендата, окако утринава некои земји имале приговори за јазикот користен во поглавјето кое што се однесува на добрососедските односи.

    Амбасадорите на земјите членки на ЕУ вчера го усогласуваа завршниот текст, но дел од земјите членки на ЕУ сметаат дека вклучувањето на „историскиот контекст“ во официјални документи на ЕУ создава преседан.

    Според изворите на Радио Слободна Европа, Словачка со поддршка од Чешка и Австрија, сметаа дека „премногу ѝ се попуштало на Бугарија“ во текстот на завршниот документ за заклучоците.

    Во завршниот текст се наведува дека е неопходно да се имплементираат Договорот од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.

    „Овие два чекори треба ефикасно да стават крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата“, стои во завршниот текст на заклучоците, што беше доволно Бугарија да го одобри.

    Бугарија, oсвен усвојувањето на заклучоците за Западен Балкан, го блокираше и усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира