Полицајците задолжени за заштита на државната граница добија 1.500 чифта чизми, донација од Словачка. Амбасадорот на Словачка Мартин Безак денеска на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му ја врачи донација во вредност од 113.000 евра.
„Донацијата е во рамките на континуираната линија за помош од Словачката Република за Република Македонија. За време на мигрантската криза словачките железници им обезбедија на македонските железници осум патнички вагони за транспорт на мигранти“, рече амбасадорот Мартин Безак.
Партнерството меѓу министерствата од двете земји беше интензивирано во изминатиот период со присуството на словачки полициски службеници на територијата на Република Македонија за поуспешен надзор и контрола на државната граница кон Грција. До сега над 200 словачки полицајци учествуваа заедно со македонските полицајци во обезбедувањето на јужната македонска граница. Наскоро ќе пристигне и 10. контингент на словачки полициски службеници.