СЛУЧАЈОТ „ТАЛИР“ СЕ ВЛЕЧКА ПЕТ ГОДИНИ, СВЕДОЧАТ ГРАЃАНИ ЧИИ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ БИЛЕ ЗЛОУПОТРЕБЕНИ ЗА ДОНАЦИИ ЗА ВМРО-ДПМНЕ

    СЛУЧАЈОТ „ТАЛИР“ СЕ ВЛЕЧКА ПЕТ ГОДИНИ, СВЕДОЧАТ ГРАЃАНИ ЧИИ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ БИЛЕ ЗЛОУПОТРЕБЕНИ ЗА ДОНАЦИИ ЗА ВМРО-ДПМНЕОбвинетиот Илија Димовски приговараше за прашање за сведок, зашто прашањето според него било за настан што се случил пред судница. (Фото: СДК.МК)

    Судскиот случај за перење на 4,3 милиони евра преку кражба на лични податоци на членови на ВМРО-ДПМНЕ и на нивни роднини и блиски наречен „Талир 1“, кој почна во февруари 2019 година, уште е во прв степен и нема пресуда.

    Јавноста го заборави овој предмет поради бавноста на правдата, но и поради стотиците предложени сведоци за секоја лажна уплатница на која им биле злоупотребени нечии лични податоци и фалсификуван потписот.

    САКАМДАКАЖАМ.МК денеска се наврати на ова судење кое трае петта година во Основниот кривичен суд, а кое сепак не изгубило од тежината.

    Сведокот Катерина А., службеничка во банка, одговараше на прашања поставени од обвинителите Љубен Лапе и Ленче Ристоска.

    „Дали некогаш сте донирале парични средства за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ?”, праша Лапе.

    „Никогаш во мојот живот не сум донирала средства на политичка партија”, кажа таа, како и стотици сведоци пред неа.

    Веднаш ѝ беше предочена уплатницата со нејзини лични податоци на 1.000 евра, односно на 60.000 денари што таа негира дека ги уплатила на име на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Првпат ја гледам уплатницава. Ова е злоупотреба на моите лични податоци. Јас никогаш не сум донирала. Мои се матичниот број и адресата, но јас не сум ги напишала. Ни потписот не е мој”, одговори првиот сведок денеска.

    Осудениот Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ“, не беше спроведен од затвор за да сведочи и тој, поради здравствени причини. И тој имал уплатница со донација за ВМРО-ДПМНЕ, а во обвинителството тврдел дека никогаш не донирал, туку дека некој му ги злоупотребил матичниот број и потписот.

    И Руска Ц. пред да оди во пензија, била благајничка во банка. Кажа дека шефот ќе им даде налози, тие ги книжеле и оти на деталите за купот уплатници донесени во еден ден за донации за ВМРО-ДПМНЕ, не се сеќавала.

    Но, обвинителите ја потсетија дека надвор пред судењето таа ја прочитала својата изјава дадена на распит во поранешното СЈО.

    Обвинетиот Илија Димовски приговараше за прашањето, зашто прашањето според него е за настан што се случил пред судница. Башка, и записникот бил изработен на 30.07.2018 година, што според него е надвор од извршување на какви било истражни дејствија од СЈО, потврдено со начелното мислење од Врховниот суд.

    Потоа сведокот призна дека го прочитала во чекалната записникот од нејзиното сослушување, кој ѝ го дала обвинителката Ристоска.

    Сведокот Руска кажа дека не читала добро со наочарите, не се сеќава што изјавила во СЈО, била хронично болна и слично.

    На ова, обвинителот Лапе побара вкрстено да ја испита, зашто едно кажала во обвинителството, друго сведочи пред судот.

    Судијата Осман Шабани дозволи обвинителството да ја потсети што кажала, а Лапе прочита: „Се сеќавам дека имаше уплата на донации на ВМРО-ДПМНЕ и тоа се сеќавам дека едно лице донесе повеќе уплатници. Ги предаде кај колешката, а по налог на шефот кој беше запознаен, ние помагавме со уплатниците”.

    Потоа тој продолжи: „А денеска пред да почне судењето го прочитавте вашето сведочење. Што е точно: тоа што сте го изјавиле во детали пред обвинител, или дека ништо не се сеќавате?”

    На ова реагираа скоро сите обвинети и скоро сите адвокати, сметајќи дека во оваа фаза вкрстени прашања обвинител не може да поставува. Но, и поради тоа дека сведокот денеска изјави оти не се сеќава на тие уплатници.

    Но Шабани го дозволи прашањето, со оценка дека денешното „Не се сеќавам” е за избегнување на точниот одговор. Забележа дека здравствените проблеми за кои поднесува Руска документи, не се од таква природа да заборава.

    „Јас имам шеќер, имам проблеми со срцето, но и со нозете”, остана сведокот на тврдењето дека не може да зборува за тој настан, кој во детали го раскажала во обвинителството. Но, на крајот сепак кажа: „Сè е точно што сум кажала во СЈО”.

    Потоа застана да сведочи Љупчо Костовски, приватен бизнисмен од Скопје.

    И тој на прашања на обвинителството кажа дека во периодот од 2008-3015 година, никогаш ниту пополнил уплатница, ниту уплатил донација за ВМРО-ДПМНЕ.

    За уплатницата со сума од 5.000 евра со негови лични податоци, сведокот кажа дека таа не му е позната, а личните податоци се негови.

    „Овој потпис не е мој. Јас не сум ги уплатил овие 300.000 денари”, одговори сведокот.

    Тој бил член на ВМРО-ДПМНЕ, но не донирал за партијата, туку му ги злоупотребиле личните податоци.

    Во овој случај на перење пари од ВМРО-ДПМНЕ обвинети се : избеганиот Никола Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески, кој беше спроведен од затвор.

    Задутре продолжува расправата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира