СЛУЖБАТА НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР НЕМА КАПАЦИТЕТ ДА ГИ ПРЕЗЕМЕ ПАРКИНГОТ И ЧИСТЕЊЕТО, ПОВАЖНО Е ДА Ѝ ГИ РЕШИМЕ ДОЛГОВИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    СЛУЖБАТА НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР НЕМА КАПАЦИТЕТ ДА ГИ ПРЕЗЕМЕ ПАРКИНГОТ И ЧИСТЕЊЕТО, ПОВАЖНО Е ДА Ѝ ГИ РЕШИМЕ ДОЛГОВИТЕ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕСпротивно на тврдењето на министерот за здравство Венко Филипче, долгогодишната директорка на Службата за заеднички работи на скопските клиник Шкодране Дардишта вели дека можат да ги менаџираат сервисите за чистење и паркирање, но одбива да зборува за долговите на установата (Фото: СДК.МК)

    Службата за заеднички работи на Клиничкиот центар, или Јавната установа од областа на здравството, нема капацитет да ги преземе сервисите за чистење на скопските клиники, ниту пак да управува со паркингот, вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека Министерството за здравство овие сервиси уште пред многу години ги издало на приватни фирми, и дека сега со Службата и со Министерството за финансии работат на решавање на огромните долгови на оваа установа, поради кои неодамна повторно беше блокирана сметката.

    „Во моментов, таа организација нема капацитет да ги преземе овие сервиси, ниту за чистење, ниту за регулирање на паркингот, оти нема кадар кој може да се справи со тоа. Следната недела имаме состанок со директорката да ги расчистиме овие работи. Тие имаат огромни долгови кои се наталожени со години, и сега треба да видиме како тие ќе се исплаќаат за да не се случи повторно блокирање на сметката. Освен долгови кон јавни претпријатија, како што беше случајот со долгот кон Водовод, има долгови и кон надворешни добавувачи. Заедно со Министерство за финансии се обидуваме да се структуира исплаќањето на долговите, оти таа служба обезбедува и лекови кон одредени клиники и не сакаме да има проблеми во функционирањето“, вели Филипче.

    Директорката на Службата Шкодране Дардишта, која повеќе од една деценија управува со оваа институција, вели дека уште пред неколку години од поранешната Влада побарале преземање на сервисите за клиниките, како што се кујната, пералната и паркингот, и дека се способни да ги одрржуваат.

    „Од оваа Влада не сме побарале официјално да ги преземеме. Такво барање доставивме до претходната Влада. Но, доколку има промена и ни ги дадат ќе може успешно да ги менаџираме“, вели Дардишта.

    Таа одби да каже колкави се вкупните долгови на Службата кон јавните претпријатија и кон надворешните добавувачи и колку години се натрупувани.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира