СО 59 ГЛАСА „ПРОТИВ“ И 20 „ЗА“ ВО СОБРАНИЕТО НЕ ПОМИНА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА ДИМИТРОВ ПОДНЕСЕНА ОД ВМРО-ДПМНЕ

    СО 59 ГЛАСА „ПРОТИВ“ И 20 „ЗА“ ВО СОБРАНИЕТО НЕ ПОМИНА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА ДИМИТРОВ ПОДНЕСЕНА ОД ВМРО-ДПМНЕМинистерот за надворешни работи Никола Димитров ги повика пратениците и власт и од опозиција да се фокусираат на приоритетите во економијата. (Фото: К. Попов)

    Пратениците со 59 гласа „против“ и 20 гласа „за“ не ја прифатија интерпелацијата за министерот за надворешни работи Никола Димитров, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

    ВМРО-ДПМНЕ го обвини Димитров дека ги прифатил сите максимални барања на Грција за решавање на спорот за името, негов прв пораз бил Договорот за добрососедство со Бугарија и дека го навредил македонскиот народ со изјавата дека бил искомплексиран.

    Министерот Димитров во завршното обраќање вечерва, ги повика сите пратеници од власта и од опозиција да се фокусираат на приоритeтите и да дебатираат за економијата.

    „Ние конечно се исправаме на нозе. Порано или подоцна со мудра политика, помалку навреди и повеќе заедништво, мислам дека светлината ќе ја победи темнината. Да се расправаме за работи што се вредни за расправање, даночната политика, економијата и слично. Дајте да се фокусираме на економски прашања, а ни бидат прашање на живот или смрт кој ќе победи, а кој ќе биде опозиција“, рече Димитров.

    Тој за обвинувањата на опозицијата дека работел против интересите на државата и против интересите на македонскиот народ, рече дека секогаш и служел на каузата за Македонија и оти прави сѐ што мисли дека е добро за државата и народот. На пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им порача дека партијата не е народот.

    „Вие треба секое утро тоа да го повторувате, државата не е партијата, Македонија не е партијата. Ние ќе ве чекаме во 21. век, ќе бидеме трпеливи, ќе дадеме се од себе и од вас да направиме пријатели. А избори, кога сакате, да видиме дали народот сака да живее во 21. век, или во 19. век“, рече Димитров.

    Собраниската седница продолжува утре во 11 часот.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари