Бројките на новозаболени и починати од коронавирус нема да се намалуваат сè додека не се почитуваат мерките и сè додека не почне сериозно да се казнува, вели в. д. директорот на Центар за јавно здравје д-р Александар Стојанов, откако вчера беа регистрирани 188 нови случаи на коронавирус и петмина починаа.
Епидемиологот Стојанов, кој е член на Комисијата за заразни болести, предупредува дека дури и кога би имало вакцина, можеби помалку луѓе ќе умираат, но вирусот секако нема да исчезне. Тој е разочаран посебно од младите луѓе, кои при ноќните излегувања и на дневните журки на плажите и базените не ги почитуваат мерките и не мислат на постарите.
„Болниците уште не можеме да ги отвориме, не знаеме како да постигнеме да направиме што повеќе тестови и повеќе епидемиолошки анкети и како побрзо да ги направиме контролните тестови за луѓето да не седат дома во изолација, а ним им дошло до џингерлака“, вели Стојанов за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Да е до него, оние кои ги гледаме дотерани како цупкаат по кафулиња и ноќни клубови и прават журки на плажа треба да се облечат во скафандери, така дотерани да се пуштат неколку часа на Инфективна, и како што вели тој, „таму нека цупкаат, да видат како е“.
„Секој ден ни умираат по 5-6 луѓе од коронавирус, над 300 луѓе се борат за живот по болниците низ цела држава, па ако им е до музика нека играат таму. Не велам дека младоста не е поврзана со живот и дека младите не треба да му се радуваат на животот, сосема ја разбирам и нивната потреба за дружба и забава, но овојпат, ова лето, не треба да се ставаат во такви ризици, бидејќи од вирусот никој не е поштеден“, вели Стојанов.
За младите вели дека тие кога ќе се заразат полесно ја поминуваат болеста, ама домашните кои ќе ги заразат нема така лесно да поминат, па дури може и сериозно да заглават.
„Со журки по плажи, свадби, масовни концерти, неказнување… Не паѓаат бројките и не очекувајте да паѓаат. Јас лично минатиот викенд во Полошко на патиштата видов колони возила со три свадби со знамиња само во едно попладне. Сигурно потоа не продолжиле да слават возејќи на автопат, туку се собрале на заедничка софра. Не збориме напамет, бројките тоа го покажуваат“, вели д-р Стојанов.
М. ИЛИОСКИ