СО ЕДНОСМЕНСКА НАСТАВА ОД 1 СЕПТЕМВРИ МОЖАТ ДА ПОЧНАТ 124 ШКОЛИ, ВЕЛИ ЈАНЕВСКА

    СО ЕДНОСМЕНСКА НАСТАВА ОД 1 СЕПТЕМВРИ МОЖАТ ДА ПОЧНАТ 124 ШКОЛИ, ВЕЛИ ЈАНЕВСКАСпоред министерката, со едносменската настава ќе се промени и начинот на учење и ангажирањето на наставниците. (Фото: СДК.МК)

    Настава во една смена од 1 септември можат да почнат  124 основни и средни училишта , соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, со дел од училиштата сѐ уште се разговара, а дел веќе самостојно одлучиле од септември да почнат со едносменска настава.

    „Во тек е и анализата што ја прави Министерството за образование и наука, а ни помага и Светска банка, што точно ќе покаже кои училишта имаат можност да работат само во една смена. Според првичните сознанија, уште 50-тина училишта, со доградба на една до пет училници, би можеле да работат само во една смена“, изјави Јаневска.

    Министерката рече дека со едносменската настава ќе се промени и начинот на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците ќе значи подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес.

    „Проблемот со малиот број на деца во училиштата првенствено е проблем на децата. Јас би сакала тоа граѓаните убаво да го разберат. Тие деца, кои се по пет, шест во одредено село и тие деца се де факто изолирани од нивните врсници. Се наоѓаат во едно училиште, кое може да е реновирано, но главно се постари, сведени се сами на себе и на своите родители, наставници кои доаѓаат да ја реализираат наставата и одвреме-навреме се менуваат, но тие немаат информации за надворешниот свет и немаат можност да се социјализираат, да видат смарт табла, да видат ново модерно училиште, да се натпреваруваат со децата од сопствената генерација и дополнително да бидеме чесни и фер, тие училишта се товар на државата, се плаќаат режиски трошоци“, рече Јаневска на 12 јули, напоменувајќи дека станува збор претежно за училишта во руралните средини.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира