СО ГОДИНИ НÈ ИГНОРИРААТ ЗА БАРАЊЕТО ДА ПЛАЌАМЕ ПОЛОВИНА ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА ФАКУЛТЕТ, ВЕЛИ ЗДРУЖЕНИЕТО НА ДЕЦА И МЛАДИ ОД САМОХРАНИ И ЕДНОРОДИТЕЛСКИ СЕМЕЈСТВА

    СО ГОДИНИ НÈ ИГНОРИРААТ ЗА БАРАЊЕТО ДА ПЛАЌАМЕ ПОЛОВИНА ПАРТИЦИПАЦИЈА ЗА ФАКУЛТЕТ, ВЕЛИ ЗДРУЖЕНИЕТО НА ДЕЦА И МЛАДИ ОД САМОХРАНИ И ЕДНОРОДИТЕЛСКИ СЕМЕЈСТВАВо Здружението членуваат над 350 млади од Македонија од самохрани и еднородителски семејства. (Фото: „Млади од семејна разновидност“)

    Здружението на деца и млади кои растат во самохрани и еднородителски семејства „Млади од семејна разновидност“, после години преписки и игнорирање од институциите, доби ветување од министерката за образование и наука Весна Јаневска дека ќе се заложи да се најде решение за да се измени Уредбата за ослободување од партиципација. Тоа значи и тие да бидат вклучени во категоријата лица кои се ослободени од плаќање на половина партиципација во високото образование.  Правото на намалена партиципација, кое постоело во 2018 година, подоцна било укинато без објаснување, велат од здружението.

    Здружението минатиот месец прослави две години од своето официјално основање, но нивниот тим веќе пет години активно се залага за правата на децата и младите од самохрани и еднородителски семејства.

    „Според достапните податоци, ние сме единственото здружение на Балканот и во Европа кое се посветува на потребите на оваа специфична група. Во нашето здружение членуваат над 350 млади од Македонија од самохрани и еднородителски семејства, а многу повеќе нѐ следат на социјалните мрежи и ни ги споделуваат предизвиците, дискриминацијата, но и успесите со кои се соочуваат во секојдневниот живот. Нашата најпозната иницијатива е заложбата за намалување на партиципацијата во високото образование, која започна кога еден наш член посака да се запише на факултет, но откри дека правото на намалена партиципација, кое постоело во 2018 година, подоцна било укинато без објаснување. Со помош на Македонското здружение на млади правници, успеавме да ја подготвиме и поднесеме иницијативата до надлежните институции – нешто за што и денес сме им благодарни, бидејќи немавме вакво искуство, но добивме безусловна поддршка за да ја водиме оваа битка. Досега нашата иницијатива беше прифатена од државните универзитети, но никогаш не како закон“, вели Елена Божиновска од Здружението за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Претставници на Здружението на средба со министерката Јаневска. (Фото: „Млади од семејна разновидност“)

    Божиновска ни рече дека изминативе години побарале средби со различни институции, вклучувајќи ги Министерството за образование и наука, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за правда, Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, минатите и сегашните советници на Владата, Народниот правобранител како и поранешниот претседател Стево Пендаровски.

    И покрај тоа што иницијативата била разгледана, одговорите кои ги добивале биле нејасни, а ниту една од наведените институции не го искористила својот законски капацитет за да предложи измена на постоечките уредби.

    „Во исто време, нашата организација се обрати и до пратениците во претходниот состав на Собранието, особено до координиаторите на Клубот за млади и младински прашања. За жал, тие не го ставија нашиот предлог пред пратениците, и не беа преземени конкретни чекори од нивна страна. Ситуацијава може да се опише само како ‘жонглирање’ со темата, без реален напредок и преземање на никакви мерки за младите кои веќе долго време очекуваат ваков тип на поддршка – некои веќе и го завршија своето високо образование, а некои едноставно го прекинаа“, вели Божиновска.

    Истовремено, работеле на подготовка на барања за измени на постојната регулатива, но тие останале без одговор или биле одбиени. Од Здружението велат дека често се соочувале со ситуација во која нивниот глас не бил доволно слушнат, дури и кога се обратиле  на највисоко ниво. Неодамнешната комуникација со новиот состав на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност исто така не резултирала со конкретни мерки.

    „Ситуацијава може да се опише само како ‘жонглирање’ со темата, без реален напредок и преземање на никакви мерки за младите кои веќе долго време очекуваат ваков тип на поддршка – некои веќе и го завршија своето високо образование, а некои едноставно го прекинаа“, вели Божиновска. (Фото: Приватна архива)

    И покрај сите неуспеси, велат дека се среќни што со дел од факултетите имаат добра комуникација и што студентските собранија се бореле заедно со нив за овие млади да плаќаат половина партиципација.

    „Благодарни сме што успеавме, иако не по закон, да ги штитиме и помогнеме овие млади, иако тоа во моментов се случува во помал број. Нашата организација продолжува со упорност да бара поддршка од сите релевантните институции, во настојувањето да се обезбеди фер и праведен третман за студентите од самохрани и еднородителски семејства во Македонија“, рече Божиновска.

    Добиле покана од министерката Јаневска и на неодамнешната средба ѝ ги покажале сите официјални дописи од нивна страна од 2020 досега, како и сите одговори што ги добивале од различни институции.

    „Министерката, иако не даде конкретен рок или решение, ја потврди важноста на ова прашање и најави дека навистина сериозно ќе се заложи за пронаоѓање на системско решение на нашиот проблем“, потенцира таа.

    Божиновска додава дека покрај оваа иницијатива, организирале четири работилници со учество на млади од различни семејни структури, каде што ги едуцирале за нивните права во областа на социјалната и правната заштита, а добија и поддршка од психолог. Дополнително, обезбедуват и психолошка поддршка за младите кои се соочуваат со загуба или други предизвици поврзани со нивниот семеен статус и на крај од сето тоа, собрани на едно купче ја издале првата брошура за деца и млади од самохрани и еднородителски семејства.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира